четврток, 24 октомври 2024

Од Венеција стигна поддршка за Манчевски, директорот на Агенција за филм, Лазаревски жали за таквата одлука

Објавено на

часот

Сподели

Во писмото меѓу другото пишува дека на првите луѓе на фестивалот им е исклучително жал што слушаат дека режисерот Милчо Манчевски се „соочува со масовна политичка кампања на клевети, лични закани и политичка и професионална црна листа“.

„Ја знаеме и цениме вашата работа како уметник, која секогаш се одликува со критериуми на апсолутна етичка и морална коректност, на експресивна доследност поттикната од силно чувство на општествена одговорност и интелектуална чесност. Уште од вашиот прв филм „Пред дождот“, кој го освои Златниот лав за најдобар филм на Филмскиот фестивал во Венеција во 1994 година, и кој помогна целиот свет да дознае за постоењето и квалитетот на кинематографијата во Северна Македонија. А потоа, преку вашите подоцнежни дела, меѓу кои и оние создадени надвор од вашата матична земја, со постојана цел да се вратите таму еден ден (како што и сторивте), да помогнете во зајакнувањето на филмската индустрија која сè уште има потреба од поддршка за да продолжи да расте. Затоа уште повеќе се чудиме што вашето храбро осудување на неправилностите направени од агенцијата одговорна за поддршка на македонската кинематографија беше проследено со неверојатна кампања на прогон и континуирано непријателство од страна на агенцијата чие недолично однесување, згора на сè, беше потврдено. Искрено се надеваме дека претстојното објавување на резултатите од новата истрага спроведена од страна на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), конечно ќе ја расветли целата ситуација и ќе стави крај на прогонот што го претрпевте досега“, пишува во писмото на Венецијанскиот филмски фестивал.

Веднаш по ова со реакција се јави директорот на Агенција за филм на Македонија, Бојан Лазаревски кој изразува огромно жалење што првите луѓе на фестивалот во Венеција и филмските професионалци во Италија „сте доведени во заблуда, без да ги знаете фактите и вистината и што на овој начин дополнително правите притисок на јавноста и институциите во нашата држава“.

„Во конкретниот случај за кој реагирате, не станува збор за никаков прогон на автор (режисер и сценарист), туку станува збор за истраги и постапки за правен субјект во сопственост на господинот Милчо Манчевски, односно правни постапки за расчистување на финансиски злоупотреби, недоставување на финансиски извештаи за потрошени 900.000 евра, како и низа други индиции. Институцијата која ја споменувате, Агенцијата за филм на РСМ веќе 14 години нема одбиено ниту едно барање за финансиска поддршка на режисерот Манчевски. Актуелното раководство во последниве 5 години на истоимениот режисер му има одобрено средства во висина од 2,3 милиони евра. Искрено се надеваме дека ќе го увидите овој пропуст, ќе ја разберете нашата реакција и во интерес на правдата и Законот ќе го повлечете писмото со што без дополнителен надворешен притисок ќе се даде простор на независните институции на нашата држава, која е аспирант за членство во Европска унија, да ги утврдат спорните факти и да донесат соодветни правни одлуки. Како прв човек на Агенцијата за филм уште еднаш сакам да повторам дека РСМ не врши никаков политички или каков било друг притисок врз Манчевски, ниту пак има вакви постапки за било кој друг автор. Убеден сум дека и вие сте на страната на правдата и законот, кога станува збор за финансирање и трошење на средствата од јавните фондови за поддршка на филмската уметност“, пишува во реакцијата Лазаревски.

Агенцијата за филм и режисерот Милчо Манчевски подолг период изнесуваат обвинувања на сметка на другиот за злоупотреба на пари.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ