сабота, 27 јули 2024

Од шесте милијарди евра на ЕУ за Западен Балкан, Македонија би можела да добие безмалку една милијарда

Македонија во наредните четири години од ЕУ би можела да добие околу една милијарда евра, од кои 30 отсто би биле грант, а другиот дел кредит со десетгодишен грејс период и минимална каматна стапка. Ова денеска на брифинг за македонски новинари го кажаа претставници на ЕУ. Се работи за Планот за раст на Западен Балкан кој предвидува шест милијарди евра, од кои две милијарди ќе бидат грант, а 4 милијарди евра заем по многу поволни услови.

Фото: МКД.мк

Објавено на

часот

Сподели

Меѓутоа, доделувањето на овие пари ќе зависат многу од исполнувањето на многу услови кои секоја земја поединечно ќе мора да ги исполни. Генералните услови се владеење на правото, почитувањето на принципите на демократијата, институционалните реформи и преземањето на неопходните чекори за да не се злоупотребуваат средствата. Покрај критериумите поврзани со реформите и владеењето на правото, постојат и критериуми од политички карактер.

Парите обезбедени од овој европски фонд би требало да го удвојат економскиот развој на регионот. Во ЕУ очекуваат дека со овие пари ќе се постигне приближување на пазарите од земјите на Западен Балкан на европските пазари, слободно движење на стоки, слободно движење на работници и услуги, полесен пристап за плаќање во евро зоната интеграција на патниот сообраќај, интеграција на енергетскиот пазар,  дигитализација, интеграција во индустријата…

Контролата на овие средства и нивното трошење ќе ги контролира ОЛАФ и другите ЕУ институции надлежни за ревизија.

Советот на Европската Унија неодамна одобри План за раст на Западен Балкан тежок 6 милијарди евра за поддршка на овие држави на нивниот пат кон членство во ЕУ. Мерките би требало да помогнат во реформските напори на секоја земја од Западен Балкан и нивниот економски развој.

Овој план се однесува на период од 2024 до 2027 година, а помошта ќе зависи од реформите кои треба да ги подготват економиите на западнобалканските држави согласно прописите на ЕУ. „Со планот ќе се даде поддршка на низа социо-економски и фундаментални реформи, вклучувајќи реформи поврзани со владеењето на правото и фундаменталните права“, соопшти Советот.

Овој план се однесува на Македонија, Србија, Косово, Црна Гора, Албанија и Босна и Херцеговина. Сите овие земји се во различни фази во однос на евроинтеграцијата.

Советот на ЕУ соопшти дека предуслов за Србија и Косово за примање на помошта е нивен „конструктивен ангажман со мерлив напредок и видливи резултати во нормализацијата на нивните односи“.

А.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ