Малопродажните цени на бензинот Еуросупер БС-95 и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,5 денари за литар, додека цените на бензинот Еуросупер БС-98 и на Еуродизел (Д-Е V) се зголемуваат за два денари за литар.
Новата малопродажна цена на Еуросупер БС – 95 ќе изнесува 84,5 денари за литар, Еуросупер БС – 98 ќе се продава за 87, Еуродизел БС (Д-Е V) за 74, а Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) за 73 денари за литар.
Со одлуката на РКЕ за 0,505 денари за килограм се зголемува и малопродажната цена на Мазутот М-1 НС и ќе изнесува 41,079 денари.
Од РКЕ посочуваат дека референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување кај бензините во просек за 4,946 отсто, кај дизелот за 4,784, кај екстра лесното масло за 4,793 и кај мазутот за 1,892 отсто.
Курсот на денарот во однос на доларот во споредба со претходната пресметка е понизок за 0,224 отсто.