среда, 5 март 2025
Димитар Љоровски Вамваковски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Од „непостоечки“ фактор до неопходен сојузник и државен непријател: македонското национално движење во Грција 1940-1949 (2)

Во почетната фаза, КПГ и нејзините вооружени сили на отпорот (ЕЛАС) не успеале целосно да ги разберат причините за контрачетништвото, ниту пак начинот на кој тоа би можело да биде елиминирано.

На почетокот, грчките комунисти се обиделе да го задушат со воена сила, при што најголеми жртви биле мирните македонски жители. Сепак, овие мерки не дале очекувани резултати, поради што КПГ ја променила својата стратегија. Наместо репресија, се свртела кон интеграција на Македонците во редовите на отпорот, ветувајќи им еднаквост и признавање на нивните малцински права. Според грчкиот историчар Тасос Костопулос, централната политичка линија на КПГ и ЕАМ била насочена кон национално-ослободителната борба, при што се земале предвид нејзините локални специфичности. Грчките позиции во (грчка) Македонија и заштитата на грчката национална сувереност во овој регион биле еден од основните столбови на политиката на ЕАМ за време на окупацијата. Ова достигнало кулминација со масовните мобилизации од јули 1943 година, чија цел била спречување на ширењето на бугарското воено присуство западно од реката Струма. Од друга страна, македонските кадри во КПГ одиграле клучна улога во реорганизација на партиските организации во областите со мнозинско македонско население по колапсот на фронтот во пролетта 1941 година. Во овој процес, особено значајна била улогата Лазо Трповски. Постепено, бугарската вооружена милиција почнала да ја губи својата сила, што, како што веќе споменавме, се должело на одлуката на КПГ, но и на засилениот терор врз македонското население, спроведен од италијанските власти во соработка со контрачетниците. Дополнителен фактор што влијаел врз вклучувањето на Македонците во силите на отпорот предводен од КПГ била појавата на партизански групи во Костурско од Вардарскиот дел на Македонија во почетокот на 1943 година и нивната соработка со вооружените единици на ЕЛАС. Оваа неформална соработка била официјализирана во летото 1943 година со Трансбалканскиот договор, кој предвидувал координација на акциите меѓу грчките, југословенските и албанските партизани, со цел привлекување на малцинствата во антифашистичката борба. Што се однесува до судбината на бугарското контрачетништво, неговата иднина била неизвесна, а со текот на времето целосно исчезнало. По капитулацијата на Италија во септември 1943 година, оваа милиција се ставила под германска команда. Иако Ванчо Михајлов се обидел да ја возобнови, тие напори останале неуспешни. Конечно, со капитулацијата на Бугарија во септември 1944 година, бугарското контрачетништво доживеало целосен распад.

Развојот на настаните и јакнењето на македонското национално движење во рамките на КПГ, заедно со влијанието на состојбите во Вардарскиот дел на Македонија и сè поочигледното оформување на македонската држава во рамките на идната југословенска федерација, довеле до засилена агитација за изградба на македонската национална свест. Истовремено, дел од македонските кадри почнале да пропагираат идеја за обединување на Македонија по завршувањето на Војната. КПГ за ваквиот развој на настаните ја обвинила својата сестринска партија – раководството на КПЈ. Антагонизмот што се појавил меѓу двете комунистички партии околу „македонското прашање“ довел до сериозни негативни последици, како врз локалните македонски активисти, така и врз самото население. Имено, биле ликвидирани одреден број Македонци од редовите на КПГ и ЕЛАС, под обвинение за „контрареволуционерна активност“, што всушност се сведувало на соработка со југословенските партизани. За да ја надмине длабоката недоверба кон македонското етничко малцинство и да ги неутрализира потенцијалните негативни последици врз ослободителното движење, раководството на КПГ во периодот 1943–1944 година прибегнало кон формирање самостојни малцински формации во регионите со мнозинско македонско население. Наскоро, под покровителство на КПГ, започнало формирањето на првите македонски организации во Егејскиот дел на Македонија. Во април 1942 година, во градот Воден била основана Македонската антифашистичка организација (МАО), предводена од Вангел Ајановски – Оче и Георги (Џоџо) Урдов. Организацијата издавала весник на македонски јазик, „Црвена ѕвезда“, во кој се прокламирало дека МАО ќе се бори против тројниот окупатор и дека по ослободувањето на Грција, македонскиот народ ќе ги добие своите национални права. Во декември 1943 година, една година подоцна, прво во Костурско, а потоа и во Леринско, бил формиран Славјаномакедонскиот народноослободителен фронт (СНОФ). Централната идеја на СНОФ била признавањето на посебниот национален идентитет на Македонците и нивното сојузништво со грчкото националноослободително движење како единствен пат за обезбедување на нивните национални права. Раководството на СНОФ се претставувало како „новата ВМРО на Македонците, која докрај ќе ја заврши работата на Илинден и „единствената народноослободителна организација што ќе ги исполни националните и социјалните барања на македонскиот народ“. Истовремено, организацијата издавала весници на македонски јазик – „Славјано-Македонски Глас“ во Костур и „Слобода“ во Лерин.

Политиката на КПГ за ставање на македонското национално движење под своја контрола во овој период делумно дала резултати, применувајќи тактика на внатрешно раздвојување. На 28 јануари 1944 година, во костурското село Чрновишта се одржало советување на окружните комитети на СНОФ за Костурско и Леринско. На состанокот се разгледувале три клучни прашања: македонското национално прашање и судбината на Македонија по војната, создавањето на единствена националноослободителна организација за целата територија на Егејска Македонија и концептот на народната демократија. Првото големо несогласување се однесувало на обемот на организацискиот развој на СНОФ. Раководството на КПГ, преку влијанието врз членовите од Леринско, настојувало да ја ограничи активноста на СНОФ само во македонските села каде што веќе немало организација на ЕАМ. Наспроти тоа, костурските снофисти барале „целиот македонски народ што живее во поробената грчка држава да биде организиран во СНОФ“, со единствена организациска структура, директно раководена од македонското биро на ЕАМ, а не од локалните регионални раководства. Подеднакво сериозни биле и разликите во однос на долгорочните цели на борбата. Додека КПГ и ЕАМ ја нагласувале „грчкоста“ и територијалниот интегритет на Егејска Македонија, залагајќи се и за поволна „стратегиска прераспределба“ на северните граници на Грција, дел од снофистите ја поставувале идејата за самоопределување на Македонците, со можност за приклучување кон „слободна Македонија“ – односно Југославија, за оние региони на Егејска Македонија каде што Македонците биле мнозинство. Поради дијаметрално спротивставените ставови на двете раководства, состанокот завршил без успех. Двете организации продолжиле да постојат уште неколку месеци, но во мај 1944 година КПГ донела одлука за нивно распуштање, преку формално „спојување“ со ЕАМ, и апсење на оние раководни членови кои не се согласиле со оваа одлука. Како последица на овие настани, Наум Пејов, водечки член на СНОФ – Костур, заедно со голем број македонски борци од Егејска Македонија, побегнал во Вардарскиот дел на Македонија.

Паралелно со политичките процеси за организирање на Македонците во Грција, започнало и формирањето на македонските партизански единици во рамките на ЕЛАС. Во јули и август 1943 година биле создадени првите македонски одреди, предводени од Лазар Поп Лазаров и Паскал Митревски. Со формирањето на СНОФ започнало организирање на поголеми воени единици, како што бил одредот „Лазо Трповски“, основан на 1 септември 1943 година во реонот на Корештата, Костурско. Во јануари 1944 година, со одлука на КПГ, македонските партизани ја добиле ознаката СНОВ (Славомакедонска народноослободителна војска). Во летото истата година, во рамките на ЕЛАС, бил формиран Воденскиот македонски баталјон, а на 2 август бил создаден и Леринско-костурскиот баталјон „Гоце“. Освен борбата против окупаторските сили, овие единици имале значајна улога во разоружувањето на контрачетниците, при што постигнале значителни успеси. Сепак, политичките околности не биле поволни за овие македонски вооружени формации. На 26 септември 1944 година, во италијанскиот град Казерта бил склучен договор меѓу различните сили на грчкиот отпор, владата на Георгиос Папандреу и Велика Британија, со кој силите на ЕЛАС биле ставени под владината контрола. Владата на Папандреу, одбивајќи да го признае македонското малцинство, не прифатила македонските единици да дејствуваат во рамките на нејзините вооружени сили. Во овој контекст, КПГ се свртела против македонското национално движење и одлучила да ги расформира македонските баталјони. Во таа насока, силите на ЕЛАС под контрола на КПГ го нападнале Леринско-костурскиот баталјон со цел да го разоружаат. Како резултат на тоа, баталјонот на 12 октомври 1944 година ја напуштил грчката територија и се повлекол во Вардарска Македонија. Истото се случило и со Воденскиот баталјон, при што на 18 ноември 1944 година од овие две единици во Битола била формирана Првата егејска ударна бригада. Сепак, КПГ не дозволила нејзиното враќање на грчка територија. Конечно, на 2 април 1945 година, по одлука на Тито, бригадата била расформирана, а нејзиниот состав интегриран во македонската народноослободителна војска.

Македонскиот историчар Ристо Кирјазовски, анализирајќи го однесувањето на КПГ кон македонскиот народ и македонското национално движење во Грција за време на Втората светска војна, заклучува дека партијата го третирала „македонското прашање“ како тактичко, а не како принципиелно прашање. Кога КПГ настојувала да се пресмета со својот политички и идеолошки противник, користејќи сила за да го наметне своето владеење, таа се свртувала кон Македонците, признавајќи им одредени национални права. Меѓутоа, кога склучувала договори со истиот противник во име на политичкото единство во борбата за национално ослободување на Грција, овие права биле укинувани.

Од друга страна, во овој четиригодишен период, а особено во 1944 и почетокот на 1945 година, македонскиот народ во Грција активно ја развивал својата национална, културна и образовна еманципација. На слободните територии под контрола на македонското движење бил подготвен буквар на македонски јазик за децата од костурската и леринската околија. Во градчето Хрупишта бил организиран забрзан курс за обука на учители, а во неколку костурски и лерински села официјално биле отворени училишта. Како дел од овој напор, биле испечатени голем број весници и списанија на македонски јазик.

На 2 август 1944 година масовно се одбележало Илинденското востание, продолжувајќи ја традицијата и копнежот на македонскиот народ за национално и државно конституирање. Во рамките на културните активности, биле изведувани бројни театарски претстави, од кои најчесто се изведувала познатата драма на Војдан Чернодрински, Македонска крвава свадба.

(продолжува)

проф. д-р Димитар Љоровски

Од „непостоечки“ фактор до неопходен сојузник и државен непријател: македонското национално движење во Грција (1940-1949)

КОЛУМНИ

Џефри Д. Сакс

На Европа ѝ треба своја надворешна политика, а не русофобија

Љубомир Николовски

НБА: Напредна Баскет Аналитика

Димитар Љоровски Вамваковски

Од „непостоечки“ фактор до неопходен сојузник и државен непријател: македонското национално...

Ристо Цицонков

Топлификација (парно) на градовите решение за аерозагадувањето?! (2)

Рајко Пеколски

Потрошувачка кошничка

Ѓорѓи Трипков

Запирката и точката

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ