При двата напада беше убиен новинарот на Ројтерс Исам Абдала (37), а тешко беше ранета фотографката на агенцијата Франс прес Кристина Аси (28), на нешто повеќе од еден километар од израелската граница во близина на либанското село Алма ал-Чааб.
Ројтерс разговарал со повеќе од 30 владини и безбедносни функционери, воени експерти, форензичари, адвокати, медицински лица и сведоци за да состави детална приказна за инцидентот.
Новинската агенција прегледала неколкучасовни видео снимки од осум медиуми во областа во тоа време и стотици фотографии од пред и по нападот, вклучувајќи сателитски снимки со висока резолуција.
Како дел од истрагата, Ројтерс исто така собрал и прибавил докази од местото на настанот, вклучувајќи шрапнели од земја и од автомобил на Ројтерс, три заштитни елеци, камера, статив и големо парче метал.
Ројтерс ѝ ги соопшти резултатите од истрагата на израелската војска, чиј портпарол, поручник Ричард Хехт, одговори: „Ние не напаѓаме новинари“.
Групата новинари во и околу селото Алма ал-Шаб тој ден вклучувала репортери од АФП, Ал Џезира и Ројтерс, сите носеле сини шлемови и панцири на кои со големи бели букви пишувало „PRESS“ (новинари).
„Доказите што ги имаме и ги објавивме денес покажуваат дека екипажот на израелски тенк го уби нашиот колега Исам Абдала. Бараме од Израел да објасни како тоа можело да се случи и да ги казни одговорните“, изјави главниот уредник на Ројтерс, Алесандра Галони.
АФП објави дека доказите на Ројтерс ја потврдуваат нејзината анализа на инцидентот. „Нападот врз група новинари кои беа јасно идентификувани како такви е необјаснив и неприфатлив“, рече уредникот за надворешна политика на АФП, Фил Четвинд.
Директорот за меѓународни комуникации на Ал Џезира Ихтишам Хибатула рече: „Истрагата на Ројтерс за нападите на 13 октомври ја потврдува шемата на Израел на намерно таргетирање на новинари за да ги замолчи оние што пренесуваат вести“. Меѓународното хуманитарно право забранува напади врз новинари кои уживаат исто ниво на заштита како цивилите и не можат да се сметаат за воени цели.