сабота, 19 октомври 2024
Две години по поднесеното обвинение нема завршница за случајот

Од девет закажани рочишта за бунгаловите во Маврово, за 10 месеци се одржа само едно

Од вкупно девет закажани рочишта за судскиот процес за бунгаловите на брегот на Мавровското Езеро, за речиси една година се одржало само едно. Останатите осум се одложени и тоа шест поради отсуство на обвинетите татко и ќерка, Шериф и Блерта Рамука и двајцата од Косово, како и нивниот бранители, а две поради отсуство на судијката Виолета Нофитоска. Апелацискиот суд Гостивар минатата година ја укина првостепената пресуда со која обвинетите татко и ќерка, како и правното лице „Радика ресорт“ ДООЕЛ увоз извоз с.Леуново Општина Маврово и Ростуше беа ослободени од кривична одговорност за бесправното градење и овој процес беше вратен на повторно судење во Основниот суд Гостивар. Но, повторениот судски процес никако да тргне бидејќи постојано некој отсуствува.

Објавено на

часот

Сподели

Со укинувањето на првостепената одлука, второстепените судии го задолжија Основниот суд Гостивар во текот на повторување на постапката повторно да ги изведе сите докази изведени во текот на главната расправа, правилно да ги анализира и цени и притоа тие да не противречат на вербалните и материјалните докази. По ова Апелацискиот суд го задолжува првостепениот суд да донесе законски заснована одлука.

Редакцијата на МКД.мк од Основниот суд во Гостивар доби одговор дека од увидот во списите на овој предмет е утврдено дека поканите до обвинетите стасувале уредно, а тие иако шест пати не доаѓале на закажаните судски рочишта, ниту еднаш судот не издал наредба за нивно стражарно приведување.

Во продлжение ги објавуваме детално и датумите за закажаните рочиште како и причините за нивно одложување, а за кои Судијата Виолета Нофитоска по повторената постапка закажала вкупно девет расправи од кои:

-закажаната расправа на ден 17.03.2023 година е одложена заради неприсуство на обвинетите и бранителот и истата е одложена  за ден 06.04.2023 година,

– закажаната расправа за 06.04.2023 година е одложена заради неприсуство на обвинетите и бранителот и истата е одложена  за ден 27.04.04.2023 година

– закажаната расправа за 27.04.2023 година е одложена заради неприсуство на обвинетите и бранителот и истата е одложена  за ден 12.05.2023 година

– закажаната расправа за 12.05.2023.2023 година е одложена заради неприсуство на обвинетите и истата е одложена  за ден 04.07.2023 година

– закажаната расправа за 04.07.2023 година е одложена заради неприсуство на обвинетите и бранителот и истата е одложена  за ден 27.09.2023 година

– закажаната расправа за 27.09.2023 година е одложена заради неприсуство на обвинетите и бранителот и истата е одложена  за ден 07.11.2023 година

– закажаната расправа за 07.11.2023  година е започната расправата и се изведени доказите на застапникот на обвинението по што истата е одложена во фаза на доказна постапка за изведување на доказите на одбраната  за ден 14.12.2023 година

– закажаната расправа за 14.12.2023  година е одложен заради отсуство судечкиот судија поради присуство на семинар и истата е одложена  за ден 30.01.2024 година

– закажаната расправа за 30.01.2024 година е одложена поради отсуство на судечкиот судија и истата е одложена  за ден 05.03.2024.година.

Првостепената пресуда беше донесена во јули 2022 година, а со неа обвинетите беа ослободени бидејќи, според судот не се докажало дека тие го сториле кривичното дело.

„Жалбата на Основното јавно обвинителство Гостивар е поднесена против пресудата на Основниот суд Гостивар  К.бр. 245/22 од 7 јули 2022 година е уважена, а пресудата е укината. Предметот со сите списи е вратен на повторено судење со дадени упатства при повтореното судење по предметот судот повторно да ги изведе доказите изведени во текот на главната расправа, истите правилно да ги анализира и цени и притоа утврдените решителни факти да не се противречни со содржината на изведените вербални и материјални докази, а со таквото постапување врз основа на правилно утврдена фактичка состојба и правилна примена на КЗ првостепениот суд да донесе правилна и на закон заснована одлука“, беше одговорот од Основниот суд Гостивар до МКД.мк пред да почне повторениот судски процес.

Јавен обвинител кој го застапува обвинението е Хазби Исеини од Основно јавно обвинителство Гостивар.

Во Пресудата која е укината во делот на образложението не е наведено дека јавниот обвинител доставил извод од казнена евиденција како доказ за осудуваност или неосудуваност на Шериф Рамука и Блерта Рамука.

Пресудата е донесена на 4 јули 2022 година, а јавно објавена на 7 јули 2022 година во која пресуда застапникот на обвинението не докажал надвор од разумно сомневање дека обвинетите го сториле делото за кое се обвинуваат.

Обвинетите во текот на таа постапка кажале дека не чувствуваат вина за овој случај, а нивниот законски застапник пред судот истакнал дека постојат докази со кој ќе му предочат на судот дека ниту двајцата обвинети, ниту нивната фирма немаат вина за бесправното градење на градбите на брегот на Мавровското Езеро.

Гостиварското обвинителство на почетокот на февруари 2022 година поднесе обвинение против татко и ќерка, државјани на Косово, како и против нивната фирма, заради бесправно градење на бунгалови во Леуново, блиску до езерото.

Под хотелот Радика се изградени 17 вили, девет се во градба, а планот е тука да се изградат вкупно 87 типски објекти на земјиште кое Општината Маврово Ростуше му го продала на сопственикот на хотелот „Радика”. Инвеститорот, според решението на градежниот инспектор од Општина Маврово Ростуше нема одобрение за градба и имаше 15 дена рок сам да си ги урне дивоградбите.

Се разбира ниту тој, ни пак општината тоа го стори, а инвеститорот си продолжи со изградбата и покрај издаденото решение за уривање.

Второстепената комисија оценила дека општинскиот градежен инспектор нецелосно ја утврдил фактичка состојба и го врати предметнот на повторно одлучување.

Локалното население и сопствениците на викендиците веќе подолг период имаат проблеми со со снабдувањето со вода. Поради тоа комуналното претпријатие на општината издаде мораториум за градба во овој дел сè додека не се реши проблемот со водоснабдувањето.

И Електрани на Македонија, државната компанија која стопанисува со Мавровското Езеро има негативно мислење за градба во тој дел од крајбрежјето затоа што е во појасот забранет за градба според котата на нивото на езерото.

Здужението на граѓани Спас за Маврово веќе ги алармираше надлежните државни органи за ова и за непочитувањето на законските процедури за добивање на дозволи за градба, а тоа е барање мислење од Министерството за заштита за животна средина и од Националниот парк Маврово. За вакво мислење со години веќе никој не ги прашува ни во надлежното министерство, ниту пак некој го прашал Националниот парк. А се работи за законска обврска која општината на чело со градоначалникот Медат Куртовски не ја спроведува.

Во врска со случајот со деветте дивоградби на инвеститорот „Радика ресорт” поднесени беа три кривични пријави.

На 5 октомври 2022година двајца управители на „Радика ресорт” од Леуново добија кривични пријави. Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Гостивар поднесе кривична пријава против две физички лица во својство на управители во правниот субјект ДТТУ „Радика ресорт” ДООЕЛ увоз-извоз. Пријавените во својство на управители во правниот субјект ДТТУ „Радика ресорт” ДООЕЛ увоз-извоз, во текот на 2017 година свесно и со однапред утврдена намера со цел да се стекнат со противправна имотна корист за себе и правниот субјект „Радика ресорт” ДООЕЛ, во својство на инвеститори, без да обезбедат одобрение за градење и да платат комуналии, противправно започнале и извеле градежни активности – изградба на девет нови објекти во функција на депанданси на хотел Радика, спротивно на член 57 од Законот за градење.

„И покрај извршениот инспекциски надзор и донесениот записник од страна на Одделението за инспекциски надзор при Општина Маврово и Ростуше за запирање на изградбата, пријавените преку правно лице ДТТУ „Радика Ресорт” ДООЕЛ увоз-извоз (инвеститор) продолжиле со градежните активности на бесправно изградени објекти, при што извеле изградба на девет нови објекти во функција на депанданси на хотел Радика”, соопшти Управата за финансиска полиција.

К. Додевска 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ