понеделник, 15 април 2024
Време

Од денеска портокалова фаза – најранливите да не одат на работа, да се внимава на храната, соодветно да се чуваат милениците

Објавено на

часот

Сподели

Од денеска земјава влегува во портокалова фаза. Дневните температури, како што најавува УХМР, во некои делови ќе бидат над 40 Целзиусови степени. 

Сите региони во државата: скопскиот, осоговско-малешевскиот, пелагонискиот и охридско-преспанскиот, ќе влезат во портокалова фаза.

Портокаловата фаза, според прогнозата, ќе трае до 16 јули, а од денеска почнуваат да важат препораките за намалување на ризиците од високите температури согласно Акцискиот план на Министерството за здравство за превенирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на населението.

„Од денеска до недела целата територија на државата ќе биде зафатена со температури од портокалова фаза и затоа се воведуваат мерки и препораки за заштита на граѓаните од високите температури со времетраење од четири дена, до 16 јули, односно до натамошно одлучување. Се препорачува: ослободување од работни обврски на најранливите групи население, како што се бремените жени и лица на возраст над 60 години, а во градинките да не се практикува физичка активност и од 11 до 17 часот децата да не се изнесуваат на отворено“, наведува Владата. 

Воедно се препорачува, општините, Црвениот крст и Центрите за социјални работи, во регионите зафатени со топлотниот бран да пружаат помош на осамени, стари, изнемоштени лица и бездомници. Со оглед, пак, дека одредени производствени и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик за здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област.

Владата наложи државните органи и јавните претпријатија и установи да ги почитуваат препораките, а приватниот сектор да го организира работното време така што ќе им овозможи на работниците да избегнуваат престој на отворено од 11 до 17 часот, односно во тоа време да не бидат на директна сончева изложеност.

„Сите правни субјекти кои вршат активности на отворено, да ги запрат активностите во периодот од 11 до 17 часот, а ова особено се однесува на работата на градежните работници. Градинките треба да го организираат работното време во периодот од 7 до 17 часот, со тоа што не треба да практикуваат физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено по 11 часот, наведе Владата и потенцира дека надлежните органи постојано ја следат состојбата поврзана со временските температури со цел навремено преземање соодветни мерки за заштита на граѓаните.

Министерството за труд и социјална политика апелира на зголемени контроли од страна на надлежниот Државен инспекторат за труд.  

Во исхраната да се избегнуваат мајонез, кечап, крем салати, сосови и преливи

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), пак, излезе со препораки за храната, милениците и домашните животни.

„Со порастот на температурите се зголемуваат и потенцијалните ризици од труење со храна. За да се спречи евентуална појава на труење, неопходно е да се направи правилен избор и набавка, да се обезбедат соодветен транспорт и услови за чување. Храна треба да се купува од проверени места каде има услови производите, особено лесно расипливите од животинско потекло, да се чуваат во разладни уреди. При купувањето треба да се води сметка за изгледот, рокот на употреба и соодветното чување на храната“, нагласува АХВ.

АХВ препорачува да се избегнува купувањето и консумирањето храна со оштетена амбалажа (нагмечена, надуена или напукната), разладените или замрзнатите производи да се купуваат на крајот од пазарењето, а лесно расипливата храна како месото, млекото, јајцата и други производи да не се чуваат долго време во автомобили и во други транспортни средства. Треба да се одбегнува и купување разладена или замрзната лесно расиплива храна која се чува надвор од ладилник или замрзнувач на почетокот на пазарењето.

„За да се спречи расипување, разладената храна треба да се чува на температура пониска од пет степени целзиусови, а храната која треба да се зготви термички да се обработи на темпeрaтура повисока од 60 степени. Овошјето и зеленчукот пред консумација треба темелно да се измијат под млаз вода, месото, млекото и јајцата термички добро да се обработат. Доколку по подготвувањето храната не се консумира веднаш, треба да се чува во фрижидер до времето на сервирање. За да се спречи појава на труење со храна и на стомачни инфекции, неопходно е рацете да се мијат повеќе пати во текот на подготовката на храната. На најгорните полици во фрижидерот треба да се чува зготвената храна, а на подолните суровата. Да се води сметка храната да се заштити од инсекти и глодари кои храната може да ја контаминираат. Домашните миленичиња и другите животни да се внимава да не дојдат во контакт со храната што се подготвува“, препорачува АХВ.

Кога станува збор за консумирање храна во угостителските објекти, треба да се води сметка тоа да бидат оператори кои се грижат за хигиената и безбедноста на храната и да имаат добра репутација. 

„Во објектите за брза храна одбегнувајте ги додатоците кои не стојат во ладилник како што се мајонез, кечап, крем салати, сосови, преливи и слично“, се наведува во препораките кои може да се прочитаат на веб страницата на АХВ. 

Високите температури стрес за животните

Во однос на милениците и домашните животни, Агенцијата исто така укажува дека препораките мора да се почитуваат за да не дојде до топлотен удар. 

„Да се избегнуваат прошетки на домашните миленици во текот на најтоплиот период од денот, на животните да им се обезбеди доволна количина и постојана достапност до свежа и чиста вода, да се обезбеди престој во проветрени простории“, наведува АХВ.

Агенцијата укажува дека порастот на температурите над 30 степени кај домашните животни може да се манифестира со намалено консумирање храна, зголемена потреба за вода, намалено производство на млеко и слаб прираст.

„Висок процент влага и недоволна вентилација во објектите може да биде причина за појава на топлотен удар кај животните, а сончаницата се појавува како последица на непосредно, директно изложување на сонце. Во двата случаи исходот може да биде фатален доколку не се делува на време. Напорната работа или транспортот на животните при високи температури, дополнително придонесува за влошување на состојбата. Забрзано и плитко дишење, несигурно одење – (тетеравење), изразена зголемена телесна температура, забрзан пулс, исплашен поглед, зголемена жед, тикови и грчеви на мускулите кои се јавуваат на крај, со неповолна прогноза, се дел од симптомите по кои може да се препознаат топлотниот удар и сончаницата кај животните за што е неопходна итна реакција“, истакнува АХВ.

Согласно препораките, во вакви услови животното треба да се смести во ладовина или во разладена просторија, каде има доволно количество на воздух, да му се даде доволна количина свежа вода. Телесната температура треба да се намали со туширање/прскање со умерено ладна вода или со покривање на главата и вратот со ладна и влажна крпа, но, треба да се внимава ладењето на животното да не биде премногу брзо.

Препораките во целост се објавени на официјалната страница на Агенцијата за храна и ветеринарство.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ