сабота, 27 јули 2024

Од денеска „Кино љубов“ во Синеплекс во Скопје

По проекциите во повеќе држави и учеството на бројни фестивали филмот „Кино љубов“ ја почнува својата приказна и пред македонската публика. Новиот филм на Јани Бојаџи од вечерва е на редовниот репертоар во Синеплекс во Скопје. Пред две недели премиерата пред македонската публика се одржа во Штип.

Објавено на

часот

Сподели

Бојаџи е режисер, сценарист и копродуцент на филмот, во кој во главните улоги се Дејан Лилиќ, Јелена Жуѓиќ, Роберт Ристов, Мирјана Ристов и Благоја Чоревски. Музиката ја напиша Горан Трајковски, дизајнер на звук е Игор Василев, продукциски дизајнер е Лазе Трипков, а директор на фотографијата е Иван Зороски.

„’Кино љубов’ е вивисекција на нашиот живот денес како уметници, но и на нас како луѓе, чии семејства под притисок на лудилото наоколу се на работ на распаѓање. Овој филм е нашиот одговор на прашањето како да се зачуваме самите себеси и нашите семејства. Љубовта е состојката за спас, која ние во овој филм, кој во суштина е насилен, во краен случај ја нудиме и во неа веруваме докрај“, објаснува режисерот и сценарист Јани Бојаџи.
Филмот е првата македонска инди независна продукција и е снимен без финансиска подршка од Агенцијата за филм и од Министерството за култура на Македонија. Сниман е за време на епидемијата во Скопје, под специјални здравствени услови.

Овој проект за време на подготовките и снимањето минуваше низ процес досега непознат за македонската кинематографија во однос на снимањето и работата со актери. Приказната е раскажана во десет кадри, со што по својата форма тоа е прв македонски филм направен во стилот познат како ‘уан тејк’“, изјави продуцентот Дејан Милошевски.

Филмот е во продукција на Синемон медиа фактори и Револушн, а ќе се прикажува и во Неготино, Велес, Свети Николе, Прилеп и други градови низ цела Македонија.

„Кино љубов“ ја раскажува приказната за актерот Коста, кој четири години е без ангажман во неговиот театар. Згора на сѐ, се случува епидемија на коронавирус. Неиграњето го убива. Така доаѓа на идеја дека тоа е моментот да го реализира својот животен сон да направи приватно кино во кое ќе се прикажуваат само љубовни филмови. И зема заем од својот шура Стево, инаку познат лихвар во градот. И покрај настојувањето на целото семејство да ја разбере ситуацијата дека Коста не може да го врати заемот, Стево е немилосрден, си ги сака парите назад. Така се растура семејството потонато во меѓусебни долгови и недоразбирања, кои завршуваат со бомба, која под автомобилот на Стево му ја подметнуваат сопругата и сестрата.
Светската премиера на „Кино
љубов“ беше во декември 2022 година, на Фестивалот на авторскиот филм во Белград. Досега помина 13 фестивали на три континенти, а до крајот на годината го очекуваат и фестивали во Загреб, Рим и Измир, со што ќе се вброи меѓу македонските долгометражни филмови што оствариле најголем број фестивалски учества надвор од Македонија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ