понеделник, 21 октомври 2024

Од денеска ДКСК директно ќе разменува информации за имотите на функционерите во странство

Од денеска стапува во сила Меѓународната спогодба за размена на податоци за проверка на имотната состојба на функционерите, меѓународен инструмент кој државите потписнички, меѓу кои и Македонија им овозможува соработка за директна размена на податоци за проверка на изјавите за имотна состојба, информираа од Министерството за правда. Оттаму уште соопштија дека од денека почнува да се применува и Конвенцијата на Советот на Европа за пристап до официјални документи што ги поседуваат јавните власти без било каква дискриминација и по било која основа.

Објавено на

часот

Сподели

Спогодбата и Конвенција се ратификувани во Собранието на 13 август 2024 година.

Со примената на меѓународната спогодба, како што информираат од Министерството за правда, ќе се направи значаен исчекор во олеснување на примената на постојните законски решенија за проверка на имотната состојба и интересите во согласност со Законот за спречување корупцијата и судирот на интереси.

„За вршење на своите надлежности, вклучително и за проверка на изјавите за имотната состојба и интересите, Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) пристапува до бази на податоци кои се водат во други органи и институции. Исто така, со Законот утврдена е надлежност на ДКСК да соработува со национални тела на други држави, како и со меѓународни организации на полето на спречување на корупцијата,  да разменува информации со надлежни тела на други држави и меѓународни организации, врз основа на обврски преземени со ратификувани меѓународни договори“, нагласуваат од МП.

Примената на спогодбата, посочуваат од Правда, ќе придонесе за унапредување  на механизмите за превенција и борба против корупцијата во согласност со меѓународните стандарди за заштита на податоци кои ги утврдуваат ограничувањата на прекуграничната размена на податоците, како и со судската пракса на Европскиот суд за човекови права која го оправдува објавувањето на имотната состојба на функционерите, а сѐ во легитимниот интерес на општата јавност.

Што се однесува до примената на Конвенцијата на Советот на Европа за пристап до официјални документи, велат од Министерството, тоа е стратешката определба на Владата за почитување на човековите права и спроведување на меѓународно преземените обврски.

Од МП, исто така, нагласуваат дека конвенцијата на Совет на Европа за пристап до официјални документи позната уште како “Тромсо” е усвоена од Комитетот на министри на 27 Ноември 2008 година.

„Таа е првиот обврзувачки меѓународен правен инструмент кој го признава секому правото на пристап до официјалните документи што ги поседуваат јавните власти без дискриминација и без оглед на статусот или мотивите на барателот да бара пристап. Советот на Европа смета дека сите официјални документи во принцип се јавни обезбедувајќи минимална правна рамка за брза и правична обработка на барањата за пристап до официјални документи“, наведуваат од Министерството за правда.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ