сабота, 27 јули 2024

Oд Бехтел и Енка, преку 27 април и Крсто Мукоски до платата на Џо Бајден – собраниска караница

Објавено на

часот

Сподели

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски постави прашања поврзани со коридорите 8 и 10д и посебно нагласи дека е срамота консултант на градежните работи да добива месечна плата од 36.500 евра месечно, кога претседателот на САД има плата од 33 илјади долари месечно или директорот на ЦИА двојно помалку. Дали тоа не е доволно за сомнеж за коруптивни и други криминални работи поврзани со коридорите и конзорциумот Бехтел и Енка, праша пратеникот.

Од премиерот доби долг одговор дека во интерес на земјата е да се градат коридорите, рече дека процедурите и договорите се такви за да нема промашувања како со автопатот со кинеската Синохидро кога трасата минува низ извор за вода, гробишта и важен државен имот. За сомничавоста на ВМРО-ДПМНЕ кон секој проект на неговата Влада Ковачевски рече дека таа партија е всушност против се што се работи во интерес на граѓаните сеејќи страв и невистини. Рече дека наспроти мрачните прогнози, Владата обезбеди доволно домашна струја, цената ја намали за штедливите граѓани, обезбеди инсталираање на 210 мегавати струја, наспроти 18 на владата на ВМРО-ДПМНЕ, го презеде парното греење во Скопје итн., а на крајот го постави прашањето дали пратеникот Стојановски би бил посреќен ако патиштата ги градат Руси и Кинези, наместо американската Бехтел.

Стојановски реплицираше дека премиерот не одговори на прашањето за платата од 36.500 евра и дека руски и кинески компании има во фирмите кои беа најавени за соработка со компанијата што ќе ги гради коридорите и уште додаде дека парична поддршка добила фирма поврзана со семејството на премиерот.

Понатаму уште повеќе се заостри расправата, откако наместо премиерот, на прашањето од Стојановски поврзано со пресудата на Судот во Стразбур која се однесуваше на процедурите за притвор по настаните од 27 април, а во корист на поранешната пратеничка Елена Доцевска Божиновска и дали ќе биде покрената истрага за судиите кои, како што рече, „носеле одлуки, а знаеле дека ги прекршувале човековите права“, одговор даде вицепремиерот Бојан Маричиќ.
 

Ако Судот нашол грешка во делот на притворот, тоа не значи дека нашол грешка во осудителната пресуда, рече Маричиќ кој потоа опширно потсети на кравите настани од 27 април во Собранието изрекувајќи остри обвинувања на сметка на ВМРО-ДПМНЕ и улогата на таа партија..

„Тие што ги осуди Судот и што ја издржуваат казната многу добро разбираат во каква ситуација ги доведе ВМРО-ДПМНЕ и нивната партија и тоа е навистина жално, рече Маричиќ, кој направи споредба со првата пресуда за настаните во Капитол Хил, по поразот на Доналд Трамп на претседателските избори во САД, наведувајќи дека и таму има затворски пресуди од над 15 години. 

„ВМРО-ДПМНЕ продолжува да релативизира, да си игра и со жртвите, но и со оние изманипулирани луѓе кои за жал вашата партија реши дента да ги искористи како жив штит и топовско месо, за денеска да се повикува на нивната мака и на нивната судбина, рече вицепремиерот. 

„Триесет и три лица беа обвинети, 15 од нив беа ослободени од кривична вина или ослободени од издржување на казната со Законот за амнестија, којшто беше донесен во декември 2018 година. Со тој закон, за којшто гласаше и ВМРО-ДПМНЕ, беа амнестирани оние кои не биле организатори, односно од Обвинителството не биле означени како организатори и оние кои не учествувале во насилство или пак не носеле оружје3, рече вицепремиерот.        

Маричиќ се обрати кон пратеничката Жаклина Пешевска прашувајќи дали треба да се каже кој се беше амнестиран и чии роднини на пратеници што седат во овие клупи беа амнестирани.

„Знам дека не ви одговара оваа тема и дека многу ве нервира, меѓутоа јас за мојот образ секогаш можам да одговарам, а вие вашиот слободно да си го чувате, рече Маричиќ. 

Од место реагираше пратеничката Пешевска, но и други пратеници од опозицијата, а потпретседателот на Собранието Горан Мисовски посочи дека само пратеникот Бојан Стојановски има можност да одговори дали е задоволен или не е од одговорот. 

Вицепремиерот Маричиќ продолжи со излагањето, прашувајќи ги пратениците од опозицијата како не им е срам да не се извинат и шест години по овој настан.

Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ во процедурална забелешка рече дека има повреда на редот на седницата, обвинувајќи го вицепремиерот за ароганција и додавајќи дека тој е должен да одговара на пратенички прашања, а не да се обраќа кон оние пратеници што не му поставиле прашање.

„Ако немате доволно конкретен одговор, подобро ќе беше времето да не го искористите воопшто, отколку да полемизирате со пратеници и да ни сеете европски вредности. За какви европски вредности ќе ни зборувате, кога и самиот признавте дека злоупотребувате европско знаменце“, За какви вредности зборувате кога вашата партија бараше пазар со пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, како со Крсто Мукоски, само за да истурка уставни измени. Пак ли ќе правите слично сценарио:?“, праша Стојановска.

На реакција на собранискиот потпретседател Мисовски, Стојановска рече дека вицепремиерот се обратил кон пратеничка која нема можност да му врати, а кон која како што обвини на таа пратеничка и „испраќаат уцени после 27 април“.

„Непристојни предлози само таа да ги прифати уставните измени. Дали се ова европски вредности и кој ја злоупотребува говорницата и ни кажува дека треба да учиме од примерот на Америка. Вие треба да учите. Оние од 27 април кои гнијат повеќе од шест години во затвор се ваше дело, вие ги злоупотребивте за да сеете страв меѓу народот, за никој да не смее да ви дигне глас“, рече Стојановска.

На ова реплицираше координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески.

– Како не ви е срам? Што требаше да се случи? Некој да биде убиен за да го спасите оној што побегна во гепек? За да се спасите од одговорност за криминалот и корупција со кои ја ограбивте оваа држава? Како не ви е срам да ги искористите луѓето и да ги фрлите на улица и уште да глумите дека се борите за нив?, рече Митрески кон пратениците од ВМРО-ДПМНЕ“. 

По 27 април пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, според него, доаѓале да се извинуваат кај него во канцеларија, велејќи дека не знаеле што ќе се случува тој ден, а денес се силат од говорницата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ