сабота, 27 јули 2024
Државен санитарен и здравствен инспекторат

Од 300 до 650 евра се казните за родителите кои не ги вакцинирале децата

Од 300 до 650 евра во денарска противредност изнесуваат казните за родителите или старателите на децата кои не се вакцинирани во време на епидемија, каква што против големата кашлица е прогласена во Скопје, вели директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), Рената Младеновска. Инсекторатот за да забрани влез на невакцинирани деца во градинките ќе чека да добие соодветна одлука.

Фото: МИА

Објавено на

часот

Сподели

Младеновска одговори потврдно на прашањето дали досега има казни.

„Да. Редовно како вакциналните пунктови ни ги испраќаат списоците на родители со име и презиме на децата, со лични податоци, ги повикуваме на порамнување и имаме доста казнувано. Како завршуваат, тоа е побитно прашање. Дел од родителите се сложуваат и ја плаќаат казната, но, со тоа не сме го решиле проблемот, бидејќи детето сепак останува невакцинирано. Од друга страна, има родители коишто не сакаат да ја плаќаат казната и завршуваат на суд каде што судот им дава опомена и плаќаат судски трошоци“, наведе Младеновска.

Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) ќе забрани посета во градинки на деца кои немаат примено ДТП вакцина, само доколку препораката на Комисијата за заразни болести како советодавно тело на министерот за здравство, биде прифатена и со одлука, а Министерството за здравство му наложи на Инспекторатот вршење вонредни инспекциски надзори заради увид во вакциналните потврди обезбедени од вакциналните пунктови за примена ДТП вакцина“, изјави Младеновска.

По најновите препораки од вчерашната седница на Комисијата за заразни болести за спречување на ширењето на голема кашлица таа посочи дека надлежноста на ДСЗИ е во делот на санкционирање на родителите кои не вакцинирале дете.

КЗБ на вчерашниот состанок, како што рече Младеновска, донесе препорака Државниот санитарен и здравствен инспекторат да се вклучи во активност вршење вонредни инспекциски надзори што се однесуваат на забрана на примање деца во предучилишни установи, кои не се имунизирани со вакцина ДТП согласно редовниот календар за имунизација, а се со цел да се интензивира офатот на вакцинирање во услови на епидемија на пертусис – голема кашлица, прогласена на територија на Скопје.

Младеновска потсети дека од почетокот на епидемијата контролата на вакциналниот статус на децата згрижени во предучилишните установи ја врши Министерството за труд и социјална политика, согласно нивната законската регулатива, што ја уредува документацијата за прием на деца во овој тип на установи, вклучувајки и доставување на потврда за вакциналниот статус.

„Надлежноста на ДСЗИ е во делот на санкционирање на родителите кои не го вакцинирале своето дете, преку спроведување постапка за порамнување, а по добиен список од страна на вакциналните пунктови. Висината на казната за родител- старател изнесува 300-650 евра во денарска противвредност“, изјави Младеновска.

Државниот санитарен и здравствен инспекторат, истакна, согласно своите надлежности при вршење на редовни инспекциски надзори, не врши увид во потврдите за вакцинален статус на децата згрижени во детските градинки.

„Согласно Законот за заштита на населението од заразни болести, како и при прогласената епидемија на морбили 2019 година така и во случајот со активната епидемија на пертусис, ДСЗИ ќе забрани посета на деца во детски градинки кои немаат примено ДТП вакцина, само доколку препораката на КЗБ како советодавно тело на министерот за здравство, биде прифатена и со одлука, Министерството за здравство му наложи на Инспекторатот вршење вонредни инспекциски надзори во наведените установи, детски градинки заради увид во вакциналните потврди обезбедени од вакциналните пунктови за примена ДТП вакцина. Дотогаш, МТСП продолжува да ја спроведува веќе започнатата теренска активност што трае од почетокот на епидемијата“, истакна Младеновска.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ