петок, 1 ноември 2024
Анкетата на Стопанската комора на Македонија

Од 1.000 до 10.000 евра им барала претходната власт на приватните компании за одредени дозволи

Од 1.000 до 10.000 евра им биле барани на приватните компании за одредени дозволи, инспекциски надзори, царини, а кај јавните набавки им биле барани од 6 до 10 проценти од вредноста на тендерот, при што дури 78 отсто од коруптивните барања доаѓале од централната власт, покажува анкетата на Стопанската комора на Македонија, спроведена лани. Во неа биле опфатени 138 приватни компании, а од нив, 53 проценти се изјасниле дека се соочиле со коруптивни барања.

Објавено на

часот

Сподели

Резултатите од анкетата беа соопштени на денешната обука „Бизнис интегритет“, која се одржа во Прилеп со компаниите од градот и регионот, организирана од Стопанската комора.

Потпретседателот на Стопанската комора, Зоран Јовановски рече дека борбата против корупцијата и бизнис-интегритетот се теми за кои недоволно се зборува, а се од суштинско значење за секој кој има намера сериозно да се занимава со бизнис.

„Резултатите од анкетата се такви какви што се. Имаме многу голем простор да ги подобриме работите. Јас би издвоил два моменти. Првото е што 83 проценти од анкетираните компании сметаат дека корупцијата е еден од трите најважни проблеми во државава кој треба да ги решиме. Второ, дури 96 проценти од компаниите кои одговорија сметаат дека може да се има успех во борбата против корупцијата, што е охрабрувачки елемент. Притоа, тие делумно се вртат и кон себеси и велат дека имаат потреба да внесат, да вградат или да ги засилат своите механизми за спречување на корупцијата“, рече Јовановски.

Јованка Кенкова Пјевац, предавач на обуката од Македонски Телеком вели дека компанијата е пионер во имплементирањето на системи за интегритет. Потребно е да се усогласиме со намерите на ЕУ за борба против корупцијата, а има можност за индивидуални и заеднички мерки на компаниите.

„Мерките за самите компании се имплементирање на еден сеопфатен систем за интегритет, кој е комплексен. Покрај индивидуалните мерки на секоја компанија, постои простор за колективно дејствување. Тоа е една од формите на здружување на компаниите со кое може да го засилат своето влијание во борбата против корупцијата, особено во услови кога локалните законодавства слабо функционираат во тој дел“, рече Кенкова Пјевац.

Претседателот на Регионалната стопанска комора од Прилеп, Никола Мариноски, смета дека се потребни казни и независен, стабилен судски систем.

„Ако се воспостави добар судски, мериторен систем, каде ќе може да се казнуваат таквите коруптивни дела, сметам дека ќе може да исчекориме напред. Ако државата воведе систем, најпрво на казни, односно судскиот систем да почне да казнува, тогаш ќе се намали оваа ендемска корупција во нашава држава“, рече Марионски.

Обуката за „Бизнис интегритет“ на која учествуваа претставници на преку 30 компании е прва од ваков вид во земјава и е една од активностите на Стопанската комора за градење здрав економски амбиент. Тоа вклучува борба против корупцијата, борба против сивата економија, борба за владеење на правото. Проектот е финансиран од УСАИД.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ