сабота, 27 јули 2024

Очајот на младите девојки во Авганистан: „За мене тука нема ништо освен седење дома“

Девојки од само 16 години се уапсени низ авганистанската престолнина Кабул минатата недела за кршење на талибанските правила за носење хиџаб, пренесува Гардијан. Девојките, кои биле уапсени во трговски центри, училишта и пазари, се обвинети за „ширење лошо влијание и поттикнување други непримерно да носат хиџаб“ и да се шминкаат.

ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Откако во август 2021 ја преземаа власта во Авганистан, по повлекувањето на американските сили, талибанците на жените дополнително им го забранија пристапот до образование, вработување и јавните простори. Во мај 2022 одредија дека жените мора да се покриени од глава до пети, откривајќи ги само очите.

Девојка со заштитен идентитет, која за потребите на написот е наречена Лале, кажала дека талибанците ја уапсиле заедно со повеќе други девојки на час по англиски јазик и ја одвлекле во полициски камион. Сведочи дека девојките кои им се спротивставиле на мажите и одбиле да заминат биле претепани, а неа ја удирале додека се обидувала да ги вразуми. Нејзиниот татко подоцна бил тешко претепан бидејќи „одгледувал неморални девојки“.

„Мојата облека беше пристојна“, вели Лале. „Но сепак ме претепаа, инсистирајќи дека мојата облека не е соодветна“. Лале за време на дводневното заробеништво слушала навреди од талибанците кои ја колнеле како неверник, поради учењето англиски јазик и желбата од оди во странство.

Пуштена е по интервенцијата на локалните старешини и морала да потпише документ со кој се обврзала дека нема да го напушта својот дом без задолжителното покривање на главата. Исто така ѝ е забрането да посетува часови по англиски јазик.

„Ми беше забрането училиштето кога талибанците ја преземаа власта во 2021, а сега не можам да одам ни на приватни часови. Во мојата иднина нема ништо освен останување дома и венчавка“, вели таа.

„Гледав како го претепуваат мојот татко бидејќи одев на курс по англиски. Кога по враќањето дома видов негови фотографии, се плашев дека ќе го изгубам. По ова немам мотивација за учење. Не сакам ова повторно да се случи“, вели таа.

Забихулах Муџахид, портпаролот на талибанците, порача само дека таквите апсења „не се вообичаена пракса“.

Притворањата се случиле помалку од една недела откако Советот за безбедност на Обединетите нации побара специјален претставник за соработка со талибанците, особено околу женските права. Талибанците го одбија овој предлог, тврдејќи дека само би се искомплицирала ситуацијата со наметнување надворешни решенија.

Ферешта Абаси, истражувачка на организацијата Хјуман рајтс воч, изјави: „Апсењата на жени во Авганистан се дополнителен удар врз основните права на жените и може да бидат застрашувачки и да стават уште поголем притисок дури и врз жените кои работат во здравството, основното образование и исхраната за повеќе да не се појавуваат во јавност како претходно“.

Снимките и фотографиите кои на Гардијан му ги дала авганистанска активистка, која замолила да остане анонимна, прикажуваат бројни мажи и жени како демонстрираат во Кабул со пароли кои повикуваат на „убав живот со промовирање и придржување до правилен хиџаб“.

Активист кој сведочел на протестите, објаснил дека станува збор за семејствата на уапсените кои бараат ослободување на жените и сакаат да спречат понатамошни апсења во заедницата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ