четврток, 24 октомври 2024

Обвинителството поднесе жалба на пресудата за трагичната несреќа кај Ласкарци

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје до Апелацискиот суд Скопје поднел жалба против пресудата на Основниот кривичен суд Скопје во предметот за автобуската несреќа кај Ласкарци, соопштија од Јавното обвинителство (ЈО).

Објавено на

часот

Сподели

Иако поднел жалба на пресудата, според надлежниот јавен обвинител Дарко Јакимовски, во случајот за трагичната несреќа кај Ласкарци, Кривичниот суд донел „извонредно значајна пресуда битна за македонскиот казнено-правен систем и покажал дека никој не може да ја дерогира и супституира судската улога во процесот на одлучувањето“.

“Преку критичка оценка на доказите, поединечно и во нивното содејство, првостепениот суд не дозволи судската пресуда да зависи само од осамено и на ништо непоткрепено мислење на вештаци вклучени во супервештачењето, кои не успеаја да изградат јасен став за клучни прашања, а ја пролонгираа главната расправа повеќе од една година”, наведува јавниот обвинител Дарко Јакимовски, истакнувајќи ги доказите врз основа на кои судот правилно и целосно ја утврдил фактичката состојба и го применил Кривичниот законик кога нашол дека во дејствијата на сите обвинети се содржани сите битни елементи на кривичните дела за кои беа прогласени за виновни.

Сепак, појаснува обвинителот Јакимовски, жалбата е поднесена поради одлуката за висината на изречените казни за четворица од обвинетите.

Имено, Основниот кривичен суд Скопје, како првостепен кривичен суд, со пресудата од 26 декември 2023 година, шесте обвинети Д.Б., Р.М., И.Ѓ., Г.Д. и Ј.Б. и М.Т. ги прогласи за виновни за кривичното дело тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, но по различни основи и делови од Кривичниот законик (КЗ), а со тоа и секој од нив беше осуден на различна казна затвор.

Така, обвинетиот Д.Б. е осуден на казна затвор во траење од четири години, обвинетиот Р.М. на казна затвор во траење од шест години, обвинетите И.Ѓ., Г.Д. и Ј.Б. беа осудени на затворски казни во траење од по пет години и возачот М.Т., беше осуден на казна затвор во траење од 14 години. На сите осудени во казната им е засметано и времето кое тие го поминаа во притвор и куќен притвор.

Според јавниот обвинител, во однос на обвинетите Д.Б., Р.М., И.Ѓ. и Г.Д., судот погрешно ги ценел олеснувачките и отежнувачките околности, како и индивидуалната одговорност на обвинетите за случувањето на тешката сообраќајна несреќа, во која загинаа 16 луѓе, а уште 38 беа повредени.

“Животите на патниците кои се превезувале не само во предметниот автобус, туку и во другите автобуси и останатите учесници во јавниот сообраќај биле директно загрозени од начинот на кој обвинетите ги извршувале своите законски обврски”, истакнува јавниот обвинител Јакимовски во жалбата поднесена до Апелацискиот суд Скопје.

Тој потсетува дека во континуитет автобус што ја предизвика несреќата бил прогласуван за технички исправен иако воопшто не бил прегледуван, а 16 дена по последниот наводно извршен технички преглед, превозникот Дурмо турс вршел јавен превоз на патници со тој автобус без да биде сообраќајно регистриран. Манипулација со брзината на движење и “штелување” на тахометрите, за да не се плаќаат казни не само на предметниот автобус, туку и на други автобуси, било исто така прифатено како правило во работата на превозникот.

Имајќи го предвид степенот на кривична одговорност и придонесот кој го имал секој од обвинетите во настапување на тешките последици, јавниот обвинител ја обжали пресудата, наведуваат од Јавното обвинителство.

За возачот М.Т. според надлежниот обвинител високата затворска казна е соодветна  со оглед на неговата одговорност, но и непокажаното жалење за тешките последици во текот на судскиот процес. За обвинетиот Ј.Б. чиј придонес за несреќата бил најмал, јавниот обвинител оцени дека е доволна определената затворска казна. За останатите четворица, за кои се жалел, обвинителот смета дека изречената казна не е сразмерна со тежината на делото, јачината на загрозувањето на заштитните добра, како и степенот на кривична одговорност кај обвинетите чии пропусти доведоа до најтешките човечки загуби во патниот сообраќај на територијата на Македонија.

Од тие причини, за овие обвинети, јавниот обвинител му предложи на Апелацискиот суд во Скопје да ја преиначи првостепената пресудата и на обвинетите Д.Б., Р.М., И.Ѓ. и Г.Д да им изрече повисоки казни затвор и подолго времетраење на казните забрана за вршење професија, дејност или должност.

Страотната сообраќајна несреќа се случи во јануари 2019 година на автопатот Скопје-Тетово во близина на селото Ласкарци. Во несреќата загинаа 16 патници, а 38 беа повредени.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ