Според обвинението, 13 цариници од кои едниот е во пензија и полицаец се обвинети дека како соизвршители сториле продолжено кривично дело примање поткуп. Деветмина од обвинетите сториле и продолжено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување. Еден обвинет освен за овие наведени две дела е обвинет и за кривично дело неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи.
„Двајцата царински службеници против кои е поднесен обвинителниот предлог се обвинети дека како соизвршители сториле едно кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување“, информираа од ЈО.
За сите обвинети за кривичното дело примање поткуп обвинителството смета дека се исполнети условите од член 38-б од Кривичниот законик (КЗ) и му предложи на надлежниот суд да им изрече и казна забрана за вршење на професија, дејност или должност со што на обвинетите ќе им биде забрането вршење на должност на службено лице во царинската управа и МВР.
„Предметниот обвинител до судот достави и предлог за одземање на имотната корист прибавена со кривичното дело, а пронајдена при извршените претреси и тоа: 51.885 евра, 663.210 денари, 4.860 швајцарски франци, 530 американски долари, 20 британски фунти, 200 украински гривни, 102 бугарски лева и 100 турски лири, како и 36 штеки цигари. Воедно, заради непречено водење на постапката заедно со обвинителниот акт е доставен и предлог за продолжување на мерката притвор против шест лица заради неизменети околности врз основа на кои мерката е претходно определена“, информираа од ЈО.
Истрагата беше отворена во октомври минатата година кога беше спроведена полициска акција под кодно име „Премин“ поради основано сомнение дека обвинетите распоредени во царинските испостави Ново Село и Дојран, во периодот од 21 март 2023 година до 15 октомври 2024 година, со умисла извршиле повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело.
„Тие искористувајќи ист траен однос, исти прилики и слични околности, при вршење на царински прегледи на стоката што се увезувала во државата преку граничните премини, од превозниците на стоката директно барале и примале парични средства за себе во износи од по 20, 50, 70, 100 и 150 евра, за да не извршат службено дејствие што морале да го извршат. Не правејќи пресметка и наплата на увозните давачки, согласно Законот за царинската управа, уредбата за спроведување на царинскиот закон и Законот за царинската тарифа и увезената стока ја пуштале во слободен промет, со намера за себе и превозниците да прибават имотна корист, а на штета на средствата на Буџетот во висина од ненаплатените царински увозни давачки. Притоа примениот поткуп го делеле меѓу себе“, велат од ЈО.
За двајца осомничени постапката е запрена.