сабота, 27 јули 2024
Седица на Советот на јавни обвинители

Обвинителството отфрлило 11 кривични пријави за превоз без лиценца

Советот на јавни обвинители ќе бара од Јавното обвинителство да направи увид за да утврди зошто обвинителството отфрлило 11 кривични пријави за кривичното дело вршење јавен превоз без лиценца откако Бирото за јавна безбедност испратило допис до Советот, информираше денеска претседателката на Советот, Душица Димитриеска. Исто така Советот на денешната седница побара да се направи анализа, за како што беше констатирано, големиот број запрени истраги во обвинителствата во Струга и во Охрид.  Разгледувајќи ги Извештаите за работа на Вишите јавни обвинителства на Гостивар и Битола за 2022 година, Советот, уште констатираше дека проблемот со недостиг на јавни обвинители се продлабочува. Советот на денешната седница, иако требаше да ја разгледа предлог измена на Етичкиот кодекс на јавните обвинители, таа беше одложена, за, како што беше посочено, техничко допрецизирање на текстот. 

Објавено на

часот

Сподели

Претседателите на Вишото обвинителство (ВЈО) Битола, Пецо Везироски и на Вишото ЈО Гостивар, Фаик Арслани, при презентирањето на извештаите посочија дека сите обвинителства се соочуваат со нецелосна екипираност и работат со помалку од предвидениот број јавни обвинители. 

Везироски укажа дека во ВЈО Битола, сега има тројца јавни обвинители, од кои еден е тој како претседател, а дополнително еден во јуни следната година ќе замине во пензија. 

„Само пример, прилепското и охридското обвинителство од по 8 обвинители сега се останати по тројца. Во Охрид беше разрешен еден обвинител, што ни остави 500 нерешени предмети. Битолското, иако горе, долу е екипирано, ќе се јави проблем во иднина. Единствено целосно комплетирано по систематизација е ОЈО Струга. Основното јавно обвинителство Ресен за неколку месеци ќе остане без ниту еден затоа што колегата си оди во пензија“, рече Везироски. 

Од вкупно 3.821 примени нови пријави во 2022 година, најголем дел се во ОЈО Битола 1.209, ОЈО Прилеп 1.015, ОЈО Охрид 807, ОЈО Струга 545 и ОЈО Ресен 146. На крајот од годината решени се 61 процент од примените пријави. 

Во 2022 година на ниво на подрачјето на Вишо јавно обвинителство Битола имало вкупно 2.029 испитани сведоци, 1.047 наредби за вештачења, 122 наредби за претрес, 164 наредби за одземање предмети, 40 увиди и 19 препознавања. 

На ниво на Вишото ЈО Битола од вкупниот број кривични пријави во 2022 година отфрлени се 1.503 или 40 проценти, а само 5,3 отсто се наредби за истраги. Само 0,8 процент се решени со предлог спогодби. 

„Ниту еднаш не е изречена конфискација на имот, претежно се оди со надомест на штета. Не знам каков е трендот во другите, но кај нас ова загрижува. Ќе треба да се работи на тоа, не знам зошто обвинителите не предлагаат и не бараат, треба повеќе во секој случај“, изјави Везироски. 

Бројот на решени предмети со предлог спогодба 2022 година, иако е мал, е зголемување го однос на претходната 2021 година. 

Советот, укажа на големиот број запрени истражни постапки за ОЈО Струга и ОЈО Охрид и дека е потребно да се направи анализа зошто е тоа така. 

Советот, со некои технички забелешки, позитивно го оцени годишниот извештај за работата на јавните обвинителства од подрачјето на Вишото јавно обвинителство Битола. 

Претседателот на Вишото ЈО Гостивар Фаик Арслани, посочи дека иако недоволно стручно и и кадровски екипирани ова обвинителство ажурно ги извршувало работите. Арслани посочи дека Вишото ЈО Гостивар работи со 4 од вкупно 7 обвинители, додека во ОЈО  Тетово од 10 предвидени со 2, а во ОЈО Гостивар од 9 предвидени, со 5 јавни обвинители. ОЈО Кичево од предвидени 5, има 2 јавни обвинители. 

На ниво на Вишото ЈО Гостивар во 2022 година имало новопримени пријави против 3.398 полнолетни лица, што споредено со претходната 2021 има намалување од 5 проценти. 

Од вкупно решени пријави на ниво на цело подрачје на Вишо Гостивар имало 1.080 отфрлени пријави или 36 проценти. Казнени налози биле издадени против 983 лица. Биле издадени наредби за спроведување истрага против вкупно 193 лица. Со предлог спогодба решени се 31. 

На ниво на сите обвинителства од територијата на Вишото ЈО Гостивар донесена е одлука за обвинение за 185 лица, додека за 26 лица е одлучено со запирање на истрагата. 

Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, посочи дека ќе го поддржи извештајот, со тоа што укажа дека во понатамошниот период ќе треба да се посвети повеќе внимание и да се подобри бројот на решени пријави, за тоа што, рече тој, според нивните бројки е само 44 проценти. 

Членовите на Советот, укажаа и на тоа дека треба да се направи анализа и на постигнатите предлог спогодби, особено за оние, како тешки разбојништва, напади или обиди за убиства, а кои завршиле со условни осуди. 

Советот позитивно го оцени годишниот извештај за работата на јавните обвинителства од подрачјето на Вишото јавно обвинителство Гостивар. 

Советот на денешната седница, иако требаше да ја разгледа предлог измена на Етичкиот кодекс на јавните обвинители, таа беше одложена, за, како што беше посочено, техничко допрецизирање на текстот. 

Претседателката на Советот Душица Димитриеска, посочи дека до Советот пристигнала информација од МВР – Биро за јавна безбедност, за вкупно 11 отфрлени пријави за исто кривично дело – вршење јавен превоз без лиценца. 

Советот одлучи по оваа информација да побара од Јавното обвинителство при контролите да се направи увид за да се види зошто пријавите се отфрлени. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ