Од Јавното обвинителство велат дека надлежниот јавен обвинител при првостепеното одлучување за условен отпуст на осудениот Сашо Мијалков дал негативно мислење.
„По донесената одлука со која му беше одобрен отпустот, обвинителот вложи и жалба, меѓутоа таа беше отфрлена како недозволена, бидејќи во меѓувреме, со измени на Законот за извршување на санкциите објавени во Службен весник на 2 април 2024 година, од членот 254 е избришана одредбата која предвидуваше обврска решението за условен отпуст да се доставува до јавниот обвинител, а со членот 256 практично целосно беше одземена можноста на јавниот обвинител да се жали на одлуката за условен отпуст. Тоа значи дека од тие измени, јавниот обвинител ниту е известен ниту има можност да се жали на условниот отпуст. Со оглед на тоа, во мај 2024 година, кога Сашо Мијалков добил конечна одлука за условен отпуст, јавниот обвинител воопшто не можел да има никакво влијание врз таквата одлука ниту врз заштитениот надзор врз условно отпуштениот. Тој надзор го одредува исклучиво судот и согласно закон (член 255) може да се состои во посебни мерки на помош, грижа, надзор или заштита кои ги спроведува надлежен орган согласно со закон“, појаснуваат од обвинителството.
Кога станува збор за случајот Трезор, велат од ЈО, надлежниот јавен обвинител и таму ниту еднаш нема дадено позитивно мислење за враќање на патната исправа.
„Напротив, на 31 мај 2024 година обвинителот даде негативно мислење за враќање на пасошот на обвинетиот, а потоа на 19 јуни 2024 година вложи и жалба на решението на кривичниот совет со кое беше укината таа мерка на претпазливост. Позитивно мислење во тој предмет е дадено само во однос на укинување на гаранцијата и тоа по донесена правосилна ослободителна пресуда од Апелацискиот суд Скопје. Позитивно мислење на јавниот обвинител за определените гаранции во сосема друга кривична постапка која завршила правосилно со ослободителна пресуда на Апелацискиот суд не може да се однесува на мерките потребни за надзор над условниот отпуст за правосилно осудено лице“, велат од ЈО.