„Лицето како раководно службено лице од почетокот на годинава во повеќе наврати директно побарал и примил поголема имотна корист за себе и за трети лица за да извршат службено дејство што морале да го извршат. Осомничениот во два наврати директно побарал од подносителот на барањето паричен износ од 16.000 евра, а потоа износот во понатамошните средби со оштетениот го намалил на 13.000 евра, за да тој и комисијата што одлучувала во управна постапка по барањето за издавање на урбанистички проект постапат по барањето на оштетениот. Дел од парите наводно биле за другите службеници вклучени во управната постапка за да одлучат во побрз рок. Со оглед дека било договорено парите етапно да бидат исплаќани како што ќе се одвива управната постапка, осомничениот за првото дејство побарал износ од 4.400 евра. Вчеравечер на договорената средба оштетениот му дал 2.000 евра, кои осомничениот ги примил и in flagranti бил фатен од страна на полициските службеници.Ценејќи дека се исполнети условите за определување на мерка притвор, јавниот обвинител на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје предложи истата да му биде определена на осомничениот во траење од 30 дена“, соопшти ЈО.
Вчера полицијата го приведе Садредин Елезовски, раководител на Секторот за урбанизам во Општина Маврово Ростуше, откако беше фатен со обележани пари кои ги примил како мито во еден угостителски објект во Скопје.