Обвинителството потсетува дека несреќата се случи на булеварот Киро Глигоров, во близина на железничкиот надвозник, кога автомобил мицубиши со скопски регистарски ознаки, управуван од 26-годишен возач, удри во велосипедот. Велосипедистот се здоби со тешки телесни повреди по што почина на лице место.
„Се преземаат сите дејствија за испитување на причините за несреќата и евентуалната одговорност. Непосредно по настанот, кај возачот не е регистрирано присуство на алкохол, меѓутоа сепак се земени примероци од крв и урина за дополнителни анализи. Издадена е наредба за обдукција на телото на починатиот, како и наредба за обезбедување на евентуални снимки од видео надзор. При увидот на лице место беше вклучен и сообраќаен вештак, а автомобилот е испратен на вонреден технички преглед“, информираа од Обвинителството.