петок, 26 јули 2024

Обвинителката Ристоска не доби извинување од СЈО, иако тоа му е обврска по одлуката на КСЗД

Поранешниот претседател, а сега актуелен член на Советот на јавни обвинители (СЈО) Антонио Јолевски, нема да ѝ се извини на обвинителката Ленче Ристоска иако Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) му препорача јавно да го направи тоа зашто ја дискриминирал и ја ставил во понеповолен статус од останатите обвинители за нејзино унапредување. Заради ова, Јолевски веќе поднел тужба против Комисијата затоа што, според него, одлуката за јавно извинување „не била во ред“. Несогласувањата помеѓу СЈО и Ристоска траат од поодамна кога обвинителката јавно изнесе критики дека Советот на јавни обвинители е извор на тргување со влијание.

Објавено на

часот

Сподели

За ваквиот развој на случајот извести Коалицијата Сите за правично судење, од каде изразија сериозна загриженост, бидејќи, како што објавија на нивната официјална фејсбук страница, на седницата на Советот на јавни обвинители биле искажани навредувачки зборови за Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД).

„Во мислењето воедно од страна на КСЗД е дадена препорака поранешниот претседател на Советот на јавни обвинители јавно да се извини за сторена дискриминација. Коалицијата Сите за правично судење изразува сериозна загриженост, бидејќи во овој дел на седницата, од страна на членовите на Советот беа изнесени деградирачки и навредливи ставови и мислења за Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Дополнително, беше истакнато дека мислењето нема да биде земено предвид и дека истото ќе биде оспорено пред Управниот суд“, велат од Коалицијата Сите за правично судење.

Оттаму велат дека несогласувањата со определено мислење мора да бидат аргументирани, а не изнесувани како навреди кон оној кој го изнел мислењето.

„Дотолку повеќе што ваквото поведение на Советот се случува неколку пати во минатото кога Советот на јавни обвинители изнел вакви навреди кон граѓанскиот сектор, универзитетски професори, ДКСК и други субјекти. Воедно, Советот мора да има предвид какво поведение е критикувано во овој случај, дискриминација врз основа на бременост и дали истото поведение треба да се коригира, или треба да се брани како добра практика на Советот“, сметаат од Коалицијата.

Ваквата реакција на Советот на јавни обвинители доаѓа откако обвинителката Ленче Ристоска од Основното јавно обвинителство Скопје поднесе жалба до КСЗД со која тврдеше дека неправедно и без никаков основ не е избрана на огласите за унапредување, во Вишото јавно обвинителство за кои конкурирала.

Првиот пат, Советот на обвинители ја одби Ристоска со образложение дека е премногу млада, вториот пат, пак, со образложение дека во тој период Ристоска користеше породилното отсуство.

„Кај Ленче имаме недостаток на работа по предмети во овој период, зборуваме за различни предмети со кои би се сретнала и во Вишото обвинителство. Немаме извештај за неа за последните четирите години, таа еден период е и на трудничко отсуство. Во Вишото обвинителство се бара работа по сите видови на предмети, не само на одредена категорија во одредена област. Сепак, Специјалното обвинителство не работеше кривични дела убиства, не работеше со дрога, еден куп предмети кои ги работат во Основното обвинителство, а ќе треба да одлучува и за тие предмети. Тие беа специјализирани за најтешките дела, ама најтешките дела од областа на злоупотреба“, рече тогаш Јолевски.

Според КСЗД ваквото образложение е понижувачко и дискриминациско.

„Исто така, комисијата смета дека дискриминација е ставот на Советот дека како обвинителка која работела во Специјалното јавно обвинителство не работела на случаи на крвни деликти или дрога, без за тоа да обезбеди извештај за нејзината работа како обвинителка“, објаснија тогаш од Комисијата.

Заради ова Јолевски веќе поднел тужба до Управниот суд за мислењето што го донесе Комисијата според кое тој во рок од 30 дена од приемот на мислењето треба да ѝ се извини на обвинителката Ристоска за извршена и утврдена дискриминација.

Според Јолевски тој има право на тужба до Управниот суд иако во препораката на Комисијата се вели дека доколку не се извини писмено, Комисијата ќе покрене прекршочна постапка против него.

Несогласувањата помеѓу СЈО и Ристоска траат од поодамна кога обвинителката јавно изнесе критики дека Советот на јавни обвинители е извор на тргување со влијание.

Советот на јавни обвинители од формирањето во 2008 досега потфрли во исполнувањето на примарната функција, професионализација на Јавното обвинителство и изолирање на политички и други влијанија при избори и разрешување на обвинителите. Затоа советот треба да се реформира и да се разгледа опцијата да биде ад хок тело кое ќе се состанува по потребаСè додека членови на Советот на кандидатите што аплицираат за повисоки позиции отворено им кажуваат дека некој треба да се јави за кандидатот да биде избран, јасно е дека Советот е избор на тргување со влијание во обвинителството и затоа сметам дека треба да се реформира. Подоцна, изборот што Советот го прави, креира клиентелистички однос на јавните обвинители кон тие што лобираат за нивниот избор и сето ова неминовно води кон систем што не може да одговори во борбата со корупцијата и организираниот криминал“, кажа во април минатата година Ристоска на една на научна конференција.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ