Во скопскиот Кривичен суд присутни се обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски, по одлуката на судечкиот совет за спојување на постапките на обвинетите, откако Основното јавно обвинителство (ОЈО) најпрво поднесе обвинение против четворица, а потоа и за првоосомничениот Љупчо Палевски за кого се чекаше екстрадиција од Турција.
Обвинетите, пред судот се произнесоа дека не се чувствуваат за виновни за што нивната одбрана дополнително ќе достави докази до судот.
Обвинителката Жаклина Крстевска во своето воведно обраќање по барање на оштетените Зорица Ѓорчевска и нејзината ќерка, побара од судот да биде исклучена јавноста од целата расправа, поради како што рече, интензивното известување на медиумите за настанот кое придонело за продлабочување на болката, по што судот не го прифати ваквиот предлог на обвинителството.
„Од страна на полномошникот и оштетената Зорица Ѓорчевска и од сестрата на Вања, поднесен е предлог до обвинителството за исклучување на јавноста од целата расправа, заради интензивното известување на медиумите за настанот кое медиумско известување придонело за продлабочување на болката, тешко сериозно пост-трауматско растројство, за кое во прилог доставувам извештај од специјалист психијатар и препорака од психотерапевт“, рече Крстевска.
Според обвинението, петтемина обвинети заедно испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде пари за откуп.
На 22.11.2023, првообвинетиот заедно со уште тројца претходно обвинети заеднички извршиле грабнување на оштетениот Панче Жежовски во Велес, со намера да го присилат да им го даде сопственото возило цитроен за да го користат за грабнување на Вања Ѓорчевска во Скопје.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.
Во врска со овој случај е осомничено уште едно лице за помагање по извршување на кривичното дело против кого постапката ќе се води одвоено.