Според првиот записник, Велибор Манев на распитот во обвинителство рекол дека идејата за киднапирање на богати луѓе била негова и на Љупчо Палевски кој организирал сѐ, а потоа ги вклучиле и другите двајца обвинети, Боре Видевски и Влатко Кешишов. Другата разлика на која укажа обвинителството беше тоа што, обвинителките рекоа дека Манев за време на исказите рекол дека не му треба лекарска помош и дека не бил малтретиран во полиција, а денеска сведочеше дека му била вршена тортура од страна на полицијата.
Во него тој во детали, како што прочитаа обвинителките, раскажува за грабнувањето и убиството на Вања и претходно на Панче. Според неговиот исказ во истрага, додека го носеле девојчето во ситроенот, Палевски ја прашувал кои ѝ се татко и мајка, каде имаат стан и други прашања.
„Не барајте пари од татко ми, тој не нè сака. Барајте пари од мајка ми, таа душа дава за нас“, рекла Вања Ѓорчевска пред да биде убиена, а кажал Манев во обвинителството за време на истрагата на 3 декември 2023 година, дента кога беа пронјадени телата на Вања и Панче.
Ваквиот исказ на Манев, а прочитан од обвинителството беше причина една од обвинителките на кратко да го прекине читањето затоа што видно се вознемири и заплака по што останатиот дел од записникот мораше да го чита втората обвинителка во случајот.
Манев Појаснил дека кога Палевски пукал во девојчето не користел придушувач, туку старо перниче. Кажал и дека претходно го наговарал Палевски да го пуштат девојчето.
„Палевски ми рече ќе земеме по 20.000 евра. Една вечер извади слика од девојчето, кое личеше на повозрасна жена. Да знаев дека е девојче, немаше да учествувам. Прво го грабнавме Панче. Се каев што направив ваква глупост. За детето Палевски ни кажа дека излегува од дома во 7:20 часот. Во зградата, кога личноста излезе, не забележавме дека е дете. Ја врзавме и ја ставивме во вреќа. Личноста не даде никаква реакција, се погоди надвор да нема никој. Ја ставивме во гепек и продолживме со цитроенот. Палевски беше пред нас. Рече дека се кренала галама на социјалните мрежи за детето. Извади лопата и ашов и ни рече да исопаме дупка. Ја испрашуваше чија е. Му рековме дете е, да ја пуштиме. Љупчо велеше дека ќе ја отепа и пак ќе бара пари за откуп. Тој пукаше во неа. Ја закопавме и отидовме до местото каде што го запаливме цитроенот. Палчо го фрли кибритот. По настанот отидовме во Велес. Јас немам мир, зошто не го пуштивме девојчето. Немавме време да реагираме. Со истиот пиштол го уби и Панче. По настанот контактиравме, Палчо ни рече, немајте гајле. После замина за Белград, што беше чудно. Ако е сѐ во ред, зошто бегал во Белград?“, рекол Манев на распитот во обвинителството за време на истрагата на 3 декември 2023 година.
Кога дошла да го приведе полицијата, Манев колабирал од страв.
Според обвинението, Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, се обвинети дека заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило цитроен за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.
Следното рочиште е закажно за понеделник, 17 март, кога ќе продолжи распитот на обвинетиот Велибор Манев.
И.О.