Како што соопштија денеска од Јавното обвинтиелство на Македонија, седуммина обвинети како членови на злосторничко здружение сториле кривично дело посредување во вршење проституција, од кои четворица се обвинети и за кривичното дело перење пари и други приноси од казниво дело, а за кое дело се обвинува и правното лице. Останатите двајца припадници на групата се обвинети за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, додека на полицискиот службеник освен злосторничко здружување му се става на товар и кривичното дело оддавање службена тајна.
Организираната група ја создал првоосомничениот, кој ги организирал и координирал криминалните активности на другите припадници на групата која во временскиот период од 2020 година до октомври 2024 година се занимавала со посредување во вршење проституција и недозволена трговија со дрога, а дел од обвинетите ги прикривале нелегално стекнатите приходи од овие кривични дела. Членови на криминалната група биле и две службени лица – затворски полицаец и полициски службеник.
„Во текот на истражната постапка, тројца од осомничените го признаа извршувањето на делата и се спогодија со обвинителството. Врз основа на предлог-спогобите на две лица за сторени кривични дела злосторничко здружување и неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори им се изречени затворски казни во траење од 2 години и 3 месеци и од 1 година и 8 месеци, а службеното лице е осудено на казна затвор во траење од 1 година и 8 месеци за сторени кривични дела злосторничко здружување и оддавање службена тајна. За осомничениот кој е недостапен на органите на прогонот постапката е прекината до негово пронаоѓање“, се појаснува во соопштението.
Во постапката се определени мерки кон вреден недвижен имот во Тетово и Гостивар, вреден подвижен имот – возила, накит и часовници од значителна вредност, како и парични средства и други предмети што потекнуваат и се принос од кривичните дела.
„Имајќи ги предвид околностите, поврзаноста на обвинетите и кривичните дела што им се ставаат на товар, јавниот обвинител цени дека во моментот мерката притвор е единствена со која во моментот може да се обезбеди присуство на обвинетите и непречено водење на постапката истата, па му предложи на судот истата да биде продолжена за секој од нив“, соопштија од Јавното обвинителство.