сабота, 27 јули 2024

ОБСЕ: Неказнивоста на насилството над новинарите во Србија мора да престане

Неказнивоста за злосторствата врз новинарите мора да престане, порача шефот на Мисијата на Организацијата за безбедност и соработка на Европа (ОБСЕ) во Белград Јан Брату, истакнувајќи дека од 48 нерешени случаи на убиства на новинари во Европа, три се во Србија.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Брату на конференција на Асоцијацијата на независни електронски медиуми во Белград особено укажа на последните случаи на закани и загрозувања на новосадски новинари по нивното учество на неодамнешен фестивал во Хрватска.

„Во слободно општество можете да давате изјави со кои други не се согласуваат, и да не добивате закани со смрт“, истакна Брату.

Додаде дека сите мора да ја сфатат важноста на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите и порача дека ОБСЕ е спремно да ѝ помогне на српската влада во исполнувањето на обврските и меѓународните конвенции кои ги има прифатено.

Брату истакна дека, според податоците на Европската федерација на новинари, во Европа во моментов има 48 нерешени случаи на убиства на новинари, од кои три се од Србија – убиствата на Славко Ќурувија, Милан Пантиќ и на Дада Вујасиновиќ, сите тројца остри критичари на власта, политичката и економската корупција и злоупотребата на институциите.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ