петок, 27 декември 2024

Обредот за Навални во црква која сесрдно ја поддржува војната (ВИДЕО)

Алексеј Навални беше христијанин кој ја осуди инвазијата на Украина како луд потфат изграден на лаги. Меѓутоа, црквата во која ќе се одржи неговата погребна церемонија ѝ донираше на руската армија и сесрдно ја рекламираше својата поддршка за војната, пишува Ројтерс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

По борбата на мајката на Навални, кој ненадејно почина на 16 февруари во затвор, за руските власти конечно да ѝ го предадат телото на нејзиниот син, неговите приврзаници оваа недела најавија дека погребот ќе се одржи денеска во црквата Икона на Богородица во близина на местото каде што некогаш живеел лидерот на опозицијата во југоисточниот дел на Москва. По обредот, Навални ќе биде погребан на блиските гробишта.

Во последната од серијата опструкции во врска со погребот, сојузниците на Навални вчера изјавија дека непознати лица ги блокирале нивните напори да ангажираат погребна кола. Репортер на Ројтерс вчера забележал силно полициско присуство во близина на црквата.

Сопругата на Навални, Јулија, оваа недела изјави дека не е сигурна дека настанот ќе помине мирно и дека полицијата нема да ги апси поддржувачите на нејзиниот сопруг. Адвокатите ги советуваа оние што планираат да присуствуваат на погребот да го намалат ризикот со тоа што нема да носат транспаренти, маици со натписи или да наседнуваат на какви било „провокации“.

Доколку се одржи погребот, за време на погребната церемонија не се очекува да се зборува за неговата борба против Владимир Путин и војната во Украина, наведува Ројтерс.

Имено, црквата во изминатите две недели преку објави на социјалните мрежи недвосмислено ја изразуваше поддршката на своето свештенство и конгрегациите за војната во Украина.

На едно видео, свештеник и уште еден маж се прикажани како стојат пред џип НИВА во близина на црква. Неидентификуван машки глас вели дека возилото е купено со донирани средства за помош на „нашите воини“ во Украина и им посакува победа и безбедно враќање.

Во вториот клип, прикажани се осум девојчиња кои посетуваат неделно црковно училиште, секоја со војничка капа, прикажани како настапуваат по повод националниот празник Денот на бранителот на татковината.

На претходни објави на социјалните мрежи, прегледани од Ројтерс, прикажани се верници во црквата како собираат пари за да купат дронови, топла облека и други предмети за руските војници. Волонтери плетат камуфлажни мрежи, а деца пишуваат писма со поддршка за војниците – типични изрази на поддршка низ цела Русија во време кога Путин ја нагласува потребата за национално единство, а Црквата дава целосна поддршка на војната.

Главен свештеник во црквата „Икона на Богородица“ е Анатолиј Родинов (71), во чија биографија пишува дека како млад бил поручник во советската војска.

Критичарите на руските црковни водачи, кои воведоа специјална молитва за руската победа во Украина и ги исфрлија свештениците кои се молат за мир, велат дека активностите на црквата на Родинов покажуваат дека таа е цврсто усогласена со пораките на Кремљ.

„Се надевам дека само ќе одржи проповед и нема да каже ништо во свое име над гробот на Алексеј“, рече Ксенија Лученко, аналитичарка на верски прашања од Германија, коментирајќи го учеството на свештеникот на погребот.

Навални зборуваше за своите религиозни чувства во неколку наврати, а една од неговите последни правни битки беше да му се дозволи да има Библија и книга со псалми во својата ќелија. „Повеќето луѓе се атеисти, а јас бев милитантен атеист. Но, сега сум верник и тоа ми помага бидејќи сè стана полесно“, изјави тој во 2021 година.

„Помалку преиспитувам, имам помалку дилеми, има книга (Библија) која јасно кажува што треба да се направи во одредена ситуација. Не е секогаш лесно да се држиш до тоа, но генерално гледано, се трудам“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ