недела, 16 март 2025
По големата трагедија во Кочани

Обраќање на Мицкоски: Ова не е меѓупартиска битка, туку битка на чесните против нечесните

Ова е најтешкиот ден во мојот живот, нема да имам милост, секој кој е инволвиран во овој трагичен настан до последниот ќе одговара, рече меѓу другото во своето обраќање македонскиот премиер Христијан Мицкоски.

Објавено на

часот

Сподели

„Јас во својот живот и во својата кариера сум се одлучил да делувам принципиелно, одговорно, чесно и отворено, без разлика на ризиците и без разлика на последиците кои тие ризици можат да ги донесат по мојот животен пат. Влегов во политиката да променам нешто. Наидов на систем длабоко корумпиран кој е создаван и негуван со децении, чиј дел се лица од сите партии, од секакви профили. Тој систем ако не се сруши оваа држава нема никогаш да ја биде и тој систем не може да се сруши лесно и брзо, затоа што е граден со децении, не со месеци и години“, рече Мицкоски.
Тој рече дека трагедијата во Кочани е кулминација на еден лош, забревтан систем кој ги јаде нашите надежи, а покрај надежите и нашите соништа.
„Или ќе го победиме ние него или тој ќе оставиме да нѐ победи нас. Победа над тој систем е можна само со одважност, доблест и принципи во кои веруваме, никако поинаку, не можеш да го излажеш тој систем, затоа што се храни од лагата и така станува посилен. Систем во кој погрешни луѓе носеле погрешни одлуки. Да знаете, само со одважност, доблест и личен пример, со лична жртва може да се избориме и да го победиме тоа зло. Тоа зло на корупција и злоупотреби на институциите, приватизирање на државата и уништување на сѐ што е правично и нормално, зло во кое сите работеле и соработувале меѓу себе на штета на сиот нормален свет. Оваа трагедија е потсетник колку животот е кревок и колку малку е потребно за една обична ноќ да се претвори во незамислива загуба“, рече Мицкоски.
Тој потсети дека во текот на денот беа преземени првите чекори за справување со последиците.
„Во моментов ги имаме информациите дека објектот каде се случи несреќата има фалсификувана лиценца, која била издадена во март 2024 за мито. Тоа е документ за работа на кабаре, кој е издаден нелегално, со оригинален печат на Министерството за економија и потпис на тогашните официјални лица на истото тоа министерство. Има тука многу прашања кои истрагата ќе ги одговори.
Оттука, во сето ова што ни се случува и ни се случи, најпрво мора да има кривична одговорност за сите до еден инволвирани, без разлика кој од која институција е, на кое ниво, од која партија, од која професија… до последниот. Очекувајте кога станува збор за одговорност, дека нема да има милост. Ќе мора да има одговорност со име и презиме.
Потребна е демонстрација на морална одговорност. И многумина ми велат народот знае дека Владата нема вина во ова, дека е нова Влада која влезе во костец со проблеми таложени со децении и систем на корупција кој е создаван со децении во државата, но јас ви велам без разлика на тоа, ние мора да бидеме пример кој ќе има значење и вредност и мора да има морална одговорност.
И јас по ова прашање немам дилеми, ниту пак ќе калкулирам. На мене не ми е потребна власт по секоја цена, но јас сум тука да се борам и да демонстрирам со личен пример како сметам дека треба понатаму, и што доколку се откажеме.
Тогаш ќе дозволам ли да победи корумпираниот систем? Секако дека нема. Во наредните денови ќе преземеме низа мерки и активности и одлуки кои ќе значат многу во борбата за оваа земја и во име на сите жртви на оваа трагедија и на нивните семејства. Тоа ви го должам вам, го должам и на семејствата на загинатите, и на медиумите и на секој еден човек во Македонија.
Денес најважно е да изразиме сочувство кон семејствата, да се молиме за семејствата на загинатите и повредените и за народот на Македонија. Да повикаме на заедништво и сплотеност и да се насочиме кон фактите и сѐ она кое е важно за почеток на едно големо ресетирање на системот. Систем кој нѐ вовлекува сите и сака да не проголта.
Мора да демонстрираме ние како политичари, нешто различно, цврсто и принципиелно, кое ќе може да го совлада овој систем кој ја голта нашата држава и е главна пречка и главна закана и опасност за тоа дали оваа земја ќе преживее или не. Или ќе нè биде овој пат или како држава ќе престанеме да постоиме. Овој пат нема да има повлекување.
И ги слушнав пораките од опозицијата. Не сакам да се политизира овој настан во смисла на тоа дека некој се обидува да набеди друга партија за одговорност. Ова не е меѓупартиска битка ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, туку ова е битка на чесните против нечесните и корумпираните од сите партии и сите институции. Ова го зборувам за сите чесни луѓе во Македонија, и во ВМРО-ДПМНЕ, и во СДСМ, и во Вреди, и во ДУИ и во други партии кои искрено сакаат државата да има ред и поредок. Без разлика на идеолошките разлики мора да се стави крај на корупцијата и да се срозат корумпираните и раскалашени луѓе кои ги злоупотребуваат институциите исто како што тие го срозија и прегазија ова што денеска го гледавме, а тоа се нашите души. Ова е борба против чудовиште кое ја проголтува иднината на земјата и зема со себе жртви. Ни ги зема најмилите. И победата врз него е наша обврска.
…Ќе има решителни чекори и одлуки. Ќе има чекори на кои јавноста не е навикната, но промените почнуваат од нас самите“, рече Мицкоски и изрази голема благодарност до докторите и целиот медицински персонал во земјава кој несебично се вклучи во укажување на помош на настраданите, како и благодарност до сите пријатели и соседни држави кои се ставија на располагање. Македонија мора да е посилна од корумпираниот систем, заврши Мицкоски.
ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ