сабота, 27 јули 2024

О’Брајан: Целта на „црната листа“ е да се користат сите алатки за борба против корупцијата

Прашањето за улогата на санкциите на САД во борбата против корупцијата е малку сложено и целта е да видиме промена во однесувањето на поединците на списокот и оние коишто се поврзани со нив. Она што сакаме да го видиме е луѓето да се навикнат да ги користат сите алатки коишто им се достапни за да се борат со корупцијата и да ја задржат таа посветеност и при формирањето на новата влада, порача помошник државниот секретар за европски и евроазиски прашања на САД, Џејмс О’Брајaн на заедничката прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски, по состанокот на лидерите од Западен Балкан, посветен на Планот за раст на ЕУ.

Фото: Роберт Атанасовски

Објавено на

часот

Сподели

Прашан дали по проширувањето на листата со новите имиња е задоволен што македонската влада реши да ја инкорпорира црната листа во своето законодавство, О’Брајaн рече дека нема да коментира за законодавните процеси ниту на Македонија, ниту на ЕУ, но дека прашањето за улогата на санкциите на САД во борбата против корупцијата е малку сложена.

„Тука имаме стратегии за решавање на заробена држава, на корупција, проблеми коишто се случуваат во многу земји вклучително и во овој регион. Затоа сум благодарен што Владата ја започна оваа програма да работи на прашањето за корупција. Список си е список. Тој секогаш еволуира, секогаш се проценува. Целта е да видиме промена во однесувањето на поединците на списокот и оние коишто се поврзани со нив. Тоа некогаш значи дека ќе се додадат повеќе имиња на списокот или ќе нема некои имиња на списокот, но сепак е алатка од една поголема стратегија. Она што сакаме да го видиме е луѓето да се навикнат да ги користат сите алатки коишто им се достапни за да се борат со корупцијата и да ја задржат таа посветеност при формирањето на новата влада“, изјави О’Брајaн.

За тоа кога предлог измените на Законот за рестриктивни мерки би можеле да се најдат пред пратениците во Собранието, премиерот Ковачевски, рече дека тој поминува низ процес на усогласување и штом тоа ќе биде направено, бидејќи веќе е поминат низ владина процедура, ќе биде доставен до пратениците во Собранието.

„Во однос на Законот веќе информираше Владата дека е подготвен и истиот поминува низ процес на усогласување со позитивните законски процеси на нашата држава и штом тоа ќе биде направено, бидејќи веќе е поминат низ владина процедура ќе биде доставен до пратениците во Собранието. За такво нешто нема ограничување бидејќи ние одиме на редовни избори, Парламентот непречено ќе работи. Претходно ќе биде усогласен со законските прописи во државата и ќе се направи усогласување и на други закони на коишто ваквиот закон влијае во текот на неговото воведување“, рече Ковачевски.

Предлог измените на Законот за рестриктивни мерки со кои и американската „црна листа“ ќе биде основа за воведување на мерки од државата врз луѓе и фирми, ги најави на 11 овој месец министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Предлог измените предвидуваат воведување на два инструменти, институцијата што ќе предложи рестриктивни мерки ќе треба да ги побара и да ги поднесе сите материјални докази до обвинителството, а Јавното обвинителство да почне постапка, вклучувајќи и конфискација на имот и доколку покрене обвинение, се предвидува и времено спречување на вршење на јавна функција доколку рестрикциите се однесуваат на луѓе како и забрана за учество во јавни набавки доколку се работи за фирми.

„Црната листа“ на американскиот Стејт департмент минатата година се прошири со неколку имиња од земјава. Поранешниот вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев, Орце Камчев, Сергеј Самсоненко, Рамиз Мерко кои им се придружија на поранешнот премиер Никола Груевски и екс шефот на УБК Сашо Мијалков. По ова, Владата во ноември минатата година, најави дека работи на иницијатива за промени на законската регулатива во однос на третманот на луѓе коишто се на листата на санкции, така што ќе се прошири опфатот и освен од Обединетите Нации и ЕУ да бидат вклучени и санкциите, кои ги воведуваат САД.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ