сабота, 27 јули 2024

Објавени снимки од рацијата на имотот на Пригожин: „Ова не може да го има нормален човек“ (ВИДЕО)

Објавено на

часот

Сподели

Пригожин, основач на безбедносната група Вагнер, ја презеде контролата врз јужниот руски град Ростов на Дон на 24 јуни, и го зазеде тамошниот команден центар каде Русија ја координира својата војна во Украина и испрати колона борци кон Москва пред да се откаже, по склучувањето договор со Кремљ.

Неговиот бунт претставува најголема закана за претседателот Владимир Путин откако рускиот лидер дојде на власт пред повеќе од две децении и го принуди Кремљ да започне да ја ограничува штетата и да стави акцент на лојалноста на вооружените сили и единството на општеството соочено со предавство.

Според договорот со кој заврши бунтот, Пригожин, чија цел беше да ги смени министерот за одбрана и началникот на Генералштабот поради, како што рече, нивното некомпетентно водење на војната, требаше да се пресели во соседна Белорусија. Во замена, кривичната пријава против него требало да биде отфрлена.

Но, во програмата „60 минути“ емитувана во средата навечер на државниот ТВ канал Росија-1 е покажано она што беше наведено како ексклузивна снимка направена за време на полициските рации во канцеларијата на Пригожин во Санкт Петербург и еден од неговите имоти во тој град.

Водителот на програмата, пратеникот Евгениј Попов, го нарече Пригожин „предавник“, а видеото го презентираше специјално поканетиот гостин – новинарот Едуард Петров – како доказ за криминалното минато на Пригожин и лицемерието во прозивките за корупција во вооружените сили.

На видеото се прикажани кутии полни со пари во неговата канцеларија и купови долари во неговата луксузна резиденција, заедно со, како што се вели, неговиот личен хеликоптер, складиште за оружје, колекција на перики, комплетно опремена просторија за медицински третмани.

„Никој не планираше да го затвори овој случај. Истрагата е во тек“, рече Петров, кој рече дека инспекторите заклучиле дека видеото што го користел Пригожин како изговор за започнување на бунтот, на кое се гледа наводен руски напад врз кампот на платениците, е лажно. Беа прикажани слики од вооружени руски агенти за спроведување на законот како влегуваат во канцеларијата на Пригожин.

„Верувам дека создавањето на имиџот на Евгениј Пригожин како национален херој го направија медиумите хранети од Евгениј Пригожин“, рече Петров, мислејќи на медиумите финансирани од Пригожин. „Откако не успеа, брзо се затворија и побегнаа“.

Тој рече дека во становите и канцелариите на Пригожин биле пронајдени пари во вредност од 600 милиони рубљи (6,58 милиони долари). Пригожин рече дека Вагнер работи само со готовина, која ја користел за да ги плаќа трошоците. Путин рече дека државата го финансира Вагнер.

Во емисијата беа прикажани повеќе пасоши што ги користел Пригожин, а кои носат различни имиња. „Не може нормален човек да има толку пасоши“, рече Петров. „Зошто оваа личност имаше толку чудни овластувања како сериозен водач на некаква криминална група“, праша тој.

„Мораме да откриеме кој бил на чија страна (во бунтот). Мораме да ги казниме и да ги гониме“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ