недела, 19 мај 2024

Објавени психолошките романи „Девојката од прозорецот“ и „Врати се кон животот“ од Ѓулсерен Будајџоглу

Во едицијата „Филмувани романи“, издавачката куќа „Бата прес“ ги објави популарните психолошки романи „Девојката од прозорецот“ и „Врати се кон животот“ од турската авторка Ѓулсерен Будајџоглу. Станува збор за дела што настанале според вистинити настани, односно поттикнати од искажувањата на пациентите во психијатриски ординации на авторката во Истанбул и Анкара, а според кои се снимени и популарните телевизиски сериии што се прикажуваат и кај нас.

 

Објавено на

часот

Сподели

Во романот „Девојката од прозорецот“, во центарот е искрената љубов меѓу главната хероина Налан, која секогаш живеела во луксуз, ама судбината ѝ предизвикала големи страдања, и Хајри, кој израснал во беда… Љубов, која ги сврзала тие две души, кои живееле два различни животи, ама е страсна, но болна… Судбината ранува, а љубовта спасува. Читателот кој ја следи телевизиската серија што од неодамна се емитува на ТВ Сител, веднаш ќе забележи огромни разлики меѓу романот и филмската сторија, но и телевизиската серија е снимана и надградувана во согласност со авторката на делото.

Објавувањето на романот „Врати се кон животот“ е помогнато од македонското Министерство за култура. Според ова дело е снимена и телевизиската серија што под наслов „Истанбулската невеста“, неодамна се прикажуваше и кај нас.

Главниот лик е Ала, девојка израсната без љубов во домот на деспотската баба Есма-султан и грубото однесување на мајката Суреја. Нејзиниот татко е во затвор. За да ги надмине болката и очајот, Ала тргнува на психотерапија, ама во почетокот се спротивставува и прави сѐ што е можно за да ги разурне границите на трпението на својот терапевт.

За да ја прекине тишината и нејзиното молчење и да стигне до неа, психотерапевтката од сенките на минатото раскажува најразлични приказни: за мистериозните тајни на младиот фараон Тутанкамон, интересните моменти од животот на Хитлер и Фројд… Необичната судбина на царицата Катерина, која во своето детство била перачка и проститутка. Животот на Ева Перон и принцезата Сораја исполнет со тага.

Макар и во продолженија, противењето на Ала почнува да се надминува. И тогаш молчењето престанува. Настаните, кои ѝ го кршеле срцето во минатото, бавно излегуваат на виделина. Приказна што засенува сѐ со болка, ужас и тага… Но, и приказна за успехот што следува по допирот на волшебното стапче на психоанализата…

Двата романи беа успешно промовирани на неодамнешниот саем на книгата во Скопје.

Авторката Ѓулсерен Будајџоглу е родена во Анкара, каде што завршила Медицински факултет и специјализирала психијатрија на Универзитетот „Хаџитепе“, каде што подоцна работела и како професор. Во 2005 година отворила приватен психијатриски центар „Медалјон“, каде што е претседател на бордот на директори. Објавила четири психолошки романи инспирирани од вистинити настани и ликови, што се меѓу најпродаваните и најпопуларните во Турција и според кои се снимени и телевизиски серии.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ