Според авторот, пресметките на македонската политичка сцена кон крајот на 60-тите и во почетокот на 70-тите години на ХХ век претставувалe дел од политичките пресметки во југословенската федерација и биле рефлексија на сè поизразените национални, економски и политички разлики меѓу републиките и покраините. За да не му бидат загрозени позициите во СКЈ, со поддршка на конзервативните кругови во партијата, Тито ги отстранил од политиката либерално ориентираните функционери. „Гревот“ на македонските либерали, се посочува, бил што сè повеќе се залагале за демократизација, за развојот на Македонија и за македонските национални интереси. Судирот преминал во борба за власт, но и во лични дискредитации.
„Второто, дополнето и проширено издание на ‘Либерализмот во Македонија (1966 – 1974)’ е резултат на моите натамошни проучувања поврзани со оваа тема, и воопшто, со овој период од нашето историско минато. Во трудот се користени објавени и необјавени извори, стручна литература, мемоари и публицистика, кои поради една или друга причина не беа достапни кога работев на првото издание на оваа монографија. Во трудот, со оглед на тоа што се работи за настани кои се повеќе или помалку непосредно поврзани со политичките и општествените процеси кои се одвивале во СР Македонија, како и со темата која е предмет на истражување, во III глава внесени се и две нови поглавја посветени на студентските активности на Скопскиот универзитет во 1968 година, односно на демонстрациите на Албанците во Македонија во текот на истата година. Притоа, направени се и извесни измени и приспособувања, кои најчесто сѐ од технички карактер“, наведува авторот на публикацијата.
Невен Радически (1979 г., Скопје) дипломирал на Институтот за историја на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Во 2010 година, во Институтот за национална историја во Скопје, одбранил магистерски труд со наслов „Либерализмот во Македонија (1966–1974)“. Во 2014 година одбранил докторска дисертација со наслов „Република Македонија во југословенската федерација (1953-1974)“ и се стекнал со научниот степен доктор по историски науки. Од 2011 година е вработен во Институтот за национална историја во Скопје. Невен Радически се занимава со проучување на историјата на македонскиот народ и на современата македонска држава по Втората светска војна. Негов потесен научен интерес претставуваат општествено-политичките, културните и економските состојби во Македонија и во југословенската федерација (1944–1991).