недела, 15 декември 2024

Објавен „Во длабочината на моите рани“, роман што ги урива границите меѓу фактот и фикцијата

Неодамна, книгоиздавателството Панили го објави романот „Во длабочината на моите рани“ од младата македонска авторка Благица Каревска. Ова е роман со потресна приказна што ги урива границите помеѓу фактот и фикцијата. Како спој на елементи на психолошки роман, фантастика, љубовна приказна, семејна драма и трилер, овој роман не е само поигрување со жанрот, туку и четиво какво што ретко, македонската читателска публика може да прочита од млад македонски автор. Проза што не дозволува читателот да биде рамнодушен и пасивен, туку со секоја нова страница кај него буди нови емоции и во исто време го поттикнува на активно читње.

Објавено на

часот

Сподели

„Во длабочината на моите рани“ од Каревска е роман во којшто нема класични протагонисти и антагонисти, затоа шо секој од ликовите го носи својот товар што го поттикнува да ги доживее и најголемите падови и најголемите предизвици и издигнувања во животот. Преку приказната за девојка што се судира и со најблиските, и со општеството, и најмногу со самата себеси, со сопственото потекло и со сопствените слабости, Каревска отвора лепеза на уште многу не само на потресни и трагични, туку и на вистинити животни приказни, за коишто сме свесни, но ги избегнуваме во секојдневјето. Притоа, си поигрува со местото и времето на случување на дејството – иако некогаш во овој простор во кој живееме сите, а некогаш во просторот во кој патуваат нашите души, всушност, вистинскиот хронотоп на ова дело е онаму каде што упатува и насловот – во длабочината на раните, во длабочината на душата…

Сите носиме рани и лузни во нашите души, но храброст и потфат е од нив да се создаде книжевност, онака како што тоа го прави Каревска. А одамна е речено дека вистинската книжевност се создава од/во тежок живот. Но сепак, иако тешка и потресна, приказната од романот „Во длабочината на моите рани“ завршува со светлина.

„Кога би можела мојата душа да зборува, би врескала. Кога би можело моето тело да осети вистинска болка, онаа душевната, би се распаднало. Го исплакав целиот свој живот без солзи. Без право на збор. Телото овде… А душата?! Каде е таа, прашувам без глас. Зар би можела да сакам со празно срце?“. Ова е дел од воведот кон книгата на Каревска. А по него следи сето она што читателот го тера да се соживее со ликовите, и тој поставувајќи си многу прашања, со душа што би вреснала, соочувајќи се со автобиографското и фикцијата поврзани во единство што нѐ поттикнува и ние да се препознаеме во лепезата на судбини што се меѓу кориците на оваа книга.

Инаку, Благица Каревска е родена во 1993 година во Волфах, Германија. Од раните детски години наваму живее во Скопје, каде што го завршува и своето образование, работи и ја бара смислата на животот. Нејзиното образование не е поврзано со книжевноста, ама сиот нејзин досегашен живот е поврзан со пишаниот збор – потребата своето јас да го искаже преку книжевноста ја чувствува уште од раните години, кога ги засакува книгите… „Во длабочината на моите рани“ е нејзина прва книга. Но нема да биде и последна…

Романот „Во длабочината на моите рани“ е достапен за читателите во книжарниците на „Матица македонска“, како и преку онлајн-книжарницата на книгоиздавателството.

 

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ