вторник, 22 октомври 2024

О2 Иницијатива бара од Сиљановска Давкова да не го потпише Законот за урбанистичко планирање

Невладината организација О2 Иницијативата побара вчера изгласаните измени на Законот за урбанистичко плнирање донесени по скратена постапка да биде вратен на повторна расправа во Собранието затоа што, како што велт оттаму, „последиците од него се огромни и нè засегаат сите“. Затоа тие од претседателката Гордана Сиљановска Давоква побараа да не го потпише овој закон.
Фото: Архива

Објавено на

часот

Сподели

Во јавното обраќање до претседателката Гордана Сиљановска Давкова од О2 Иницијативата велат дека Законот за урбанистичко плнирање е донесен по скратена постапка, „иако последиците од него се огромни и нè засегаат сите“.
„Со законот се дозволува повторна изработка на урбанистички планови според стари и неважечки закони и правилници до недоглед, кои за повеќе од 4,5 години не се завршиле, што укажува на проблем со овие планови, штом не се донеле во толкав временски период, а се изработени со несоодветни параметри, зошто во меѓувреме имаме нови податоци од Пописот, просторот се изградил, има изградени линиски центри чии параметри не биле вклучени во планирањето, а сепак ги искористиле најголем дел од ресурсите…Според изјавата на министерот за транспорт, Александар Николоски бројката е околу 600 вакви урбанистички планови кои не се донеле во изминативе 4,5 години, да продолжат да се изработуваат по стари невалидни закони и правилници и како такви да се донесат и предизвикаат дополнителен хаос во просторот во кој живееме. Со законот се дозволува изградба на катни гаражи без донесен детален урбанистички план (ДУП), само со урбанистички проект. Тоа значи самоволие и хаос, градење кој каде ќе му текне на вакви големи објекти, каде зеленилото и парковите ќе бидат првата жртва, каде граѓаните не се прашуваат и нема начин преку јавна анкета да го дадат своето мислење, каде Советот на општината нема право да одлучи со гласање“, пишува меѓу другото во барањето на О2 Иницијатива.
Според нив, со законот се отстранува одредбата одлуката со која се донел урбанистички план да е ништовна, ако нема добиено согласност од Министерството за транспорт, а тва е суштинско за да се спречи злоупотреба и спроведување на планови кои не се валидни.
„Со законот се дозволува да нема изработено урбанистички планови за одредени подрачја уште од 2013 година и да важат штетни општи акти, како тој за охридката населба Лагадин со хотелот покрај брегот, кои требало да бидат само преодна форма до изработка на урбанистички планови“, реагираат од О2 Иницијативата.
Во врска со реакцијата на оваа невладина организација, а во која се споменува и министерот за транспорт, Александар Николоски, тој вели дека реакција за Законот за урбанистичко планирање има само од О2 Иницијатива, која била поканета да присуствува на собраниската расправа „што првпат се случува во историјата на Собранието“.

„И покрај тоа што им го понудив и ги ислушав од попладнево тераат други агенди и сакам да ги прашам дали можеби урбаната мафија стои позади нив затоа што им понудив три работи кои ги игнорираат. Прво да се изработи целосно нов закон за урбанистичко планирање, второ за двете општини каде што има најголем урбанистички хаос – Центар и Карпош, да донесеме специјални закони како што има за градот Охрид и да се стави конечно ред во урбанизмот и трето им кажав дека додека сум јас министер во овие две спорни општини нема да потпишам планови за згради за домување“, изјави Николоски.

Порача дека одредени структури во општеството создаваат хистерија во областа на урбанизмот која придонесува оние што се занимаваат со градежништво да бидат гледани како „црни ѓаволи во јавноста“.

„Во исто време понудата паѓа, побарувачката расте и во такви услови цената на становите расте и до 2.000 евра за квадрат. Легитимно е да се постави прашањето дали овие активисти кои се против носење на детални урбанистички планови немаат позади себе  други цели со цел квадратот да стигне до 3.000 евра, а со тоа првата работа што ќе ја прават младите е да се иселуваат од земјава“, рече Николоски.

Од О2 Иницијативата признаваат дека ден претходно биле поканети да присуствуваат на вчерашната Комисија за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање на која и присуствувале на почетокот каде ги образложиле нивните забелешки и потребата „ваков закон со огромни импликации по сите да се носи во редовна постапка и со јавна расправа“.
„Но, членовите на комисијата законот го изгласале во целост без никакви измени, за само неколку часа подоцна да се изгласа и на пленарна седница, каде министерот за транспорт Александар Николоски изјави дека јавноста нема осонова за грижа, зошто тој за најголемиот дел од околу 600 урбанистички планови, кои ќе продолжат да се изработуваат по стари и неважечки закони и правилници, нема да даде согласност. Фрапантна изјава, која укажува не на почитување на законите, туку на земање на работите во свои раце и апсолутно дискреционо право. Ова е основа за масовна корупција“, велат од О2 Иницијативата.
Вчера пратениците, без дискусија, со 64 гласа за и 11 против ги изгласа измените на Законот за урбанистичко планирање.
ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ