вторник, 24 декември 2024

НВО: Само 12 камиони со храна и вода пристигнаа во северна Газа за два и пол месеци

Само десетина камиони со хуманитарна помош за два и пол месеци дистрибуирале вода и храна во северниот дел на Појасот Газа, соопшти невладината организација Оксфам.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Таа вест Израел денеска ја прогласи за лажна, тврдејќи дека пристигнале повеќе од 2.000 камиони.

„Од 34 камиони со храна и вода на кои им беше дозволено да влезат во северниот дел на Појасот Газа во изминатите два и пол месеци, намерните одложувања и систематските опструкции од страна на израелската војска значеа дека само 12 успеаја да дистрибуираат помош за гладните палестински цивили“, се наведува во соопштението на Оксфам.

Когат, тело на израелското Министерство за одбрана што ги надгледува цивилните активности на палестинските територии, сепак тврди дека од 2 октомври повеќе од 2.100 камиони со помош влегле во северниот дел на Појасот Газа.

„Извештајот на Оксфам намерно и неточно ги игнорира значајните хуманитарни напори преземени од Израел во северниот дел на Појасот Газа“, се вели во соопштението на Когат.

Израел строго го контролира доаѓањето на меѓународната помош, неопходна за 2,4 милиони жители на Газа, по почетокот на војната предизвикана од нападот на исламистичкото движење Хамас на израелска територија на 7 октомври 2023 година.

Израелската држава постојано е обвинувана за геноцид во Газа, вклучително и пред меѓународните судови, по иницијатива на Јужна Африка. Израелските власти остро ги отфрлаат обвинувањата.

Генералното собрание на ОН минатата недела со големо мнозинство ја одобри резолуцијата со која се повикува Меѓународниот суд на правдата да донесе одлука за хуманитарните обврски на Израел кон Палестинците.

Оксфам и другите меѓународни хуманитарни агенции „континуирано се спречени да доставуваат спасувачка помош во северна Газа од 6 октомври откако Израел го засили бомбардирањето“, се вели во соопштението на невладината организација.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ