сабота, 27 јули 2024

Нуклеарната војна сè поблиску

Објавено на

часот

Сподели

Одборот на атомски научници (БАС) стрелката синоќа ја помести од шест на пет минути до полноќ. Научниците последен пат ја мрднаа стрелката пред две години, но тогаш за една минута наназад. Предупредуваат дека најголема загриженост треба да предизвика неуспехот на многу држави да го контролираат ширењето на нуклеарното оружје, известува Би-би-си.
Групата научници, кои часовникот го направија во 1947 година, сметаат дека пред две години светските лидери се обиделе да предупредат на проблемот со глобалните закани. „Во многу случаи тој тренд не се продолжи или дури тргна во спротивната насока“, објаснуваат научниците, кои тврдат дека односите околу прашањето за нуклеарното вооружување се поправиле меѓу САД и Русија, но дека е критично во други држави од светот.
Договорите за нуклеарното оружје во минатото ги прекршуваа САД, Кина, Иран, Индија, Пакистан, Египет, Израел и Северна Кореја, поради што светот останува „во опасност од постојаното развивање нуклеарното оружје“. БАС предупредува и дека нуклеарното оружје би можело да биде употребено во регионалните конфликти на Блискиот Исток, во североисточна Азија и особено во јужна Азија.
Од Одборот сметаат и дека треба повеќе внимание да му се посвети на прашањето за климатските промени. „Светската заедница можеби е блиску до точката од која нема враќање и нема да може да се спречи катастрофа поради промените во Земјината атмосфера“, изјавија од БАС и повикаа на ревизија на договорот за намалување на емисијата на јаглерод диоксид и побараа повеќе инвестиции во обновливата енергија.
Одлуката за поместување на стрелката тие ја донесоа по симпозиумот одржан во Вашингтон. Интересно е дека само еден ден по поместувањето на стрелката во Иран е убиен универзитетскиот професор што работел во клучен објект за збогатување ураниум во таа земја, Мостафа Ахмади Рошан.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ