Милан го одби првиот предлог на Њукасл за услугите на Сандро Тонали, но „росонерите“ сериозно размислуваат за продажба на Италијанецот.
Клубот од Сан Сиро прави калкулации, и со парите од овој трансфер (најмалку 70 милиони евра) може да донесе две засилувања во средниот ред.
Станува збор за Давиде Фратези од Сасуоло и Сергеј Милинковиќ Савиќ од Лацио. Не само што Пиоли ќе добие квалитетни фудбалери, Милан ќе им зададе удар на Интер и Јувентус на трансфер пазарот.
Интер со недели работи на ангажман на Давиде Фратези и ги приближува позициите со Сасуоло, а и Јувентус е во постојан контакт со „црно-зелените“ (денеска имаше нова средба) и опипува терен за трансфер.
Што се однсува до Сергеј Милинковиќ Савиќ, „старата дама“ од поодамна прави напори за негов ангажман и се чини дека ова лето имаат идеална шанса со оглед на тоа дека Лацио бара 35-40 милиони евра. Србинот исто така е и во бележникот на Интер, тренерот Симоне Инзаги инсистира на негов ангажман.