петок, 26 јули 2024

Њујорк тајмс: ЦИА им дава на Израелците информации за лидерите на Хамас во обид да им го избели образот

Американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) му помага на Израел да собере разузнавачки податоци за највисоките функционери на Хамас за да бидат елиминирани, кажале неименувани американски функционери за Њујорк тајмс.

ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливен наредил формирање работна група фокусирана на Хамас во деновите по упадот на палестинската милитантна група во Израел на 7 октомври. Единицата е фокусирана исклучиво на високите функционери.

ЦИА исто така го кренала приоритетот на Хамас од ниво четири на ниво два, кажале изворите на Њујорк тајмс, со што се ослободени дополнителни средства за собирање разузнавачки информации. Меѓутоа, имајќи предвид дека границите на Газа се уште поцврсто затворени отколку пред војната, а Израел намерно ги попречува комуникациските мрежи, весникот наведува дека ќе биде потребно „време за да се развијат нови човечки извори“.

Вашингтон претходно добивал информации за Хамас од западен Ерусалим, но се откажал од тој пристап откако се дознало дека владата на Бенјамин Нетанјаху поседувала детали од плановите да се нападне Израел, под шифрирано име „Ѕидот на Јерихон“ повеќе од една година, а дека тие информации не ги споделила ни со другите израелски служби ни со својот главен сојузник – Соединетите Американски Држави.

САД се надеваат дека фокусирањето на палестинските милитанти на високо ниво ќе покрие дел од негативните последици од израелскиот напад на Појасот Газа.

Функционерите за Њујорк тајмс кажале дека се загрижени дека фокусот на Израел на оперативците на Хамас на ниско ниво бил погрешен, објаснувајќи дека тие се лесно заменливи.

Покрај тоа истакнале дека ризикот за цивилното население е преголем и може да поттикне дури и оние кои не се членови да се придружат на милитантната група.

Шефот на американската Централна команда, генералот Мајкл Ерик Курила, и неколку други високи воени функционери патувале во Израел повеќе пати за да побараат да се фокусираат на лидерите на Хамас наместо на борците од среден или низок ранг, се наведува во извештајот. Израел на крајот од 2023 година тврдеше дека убил околу третина од 20.000 до 25.000 борци на Хамас за кои се верува дека живеат во Газа.

Убиство или фаќање на главните личности на Хамас за кои се верува дека се одговорни за нападот на 7 октомври кога загинаа околу 1.200 Израелци и беа грабнати повеќе од 240 би била голема победа во односите со јавноста на владата на Нетанјаху, наведува Њујорк тајмс.

Американските функционери веруваат дека најмалку еден од нив – лидерот на групата во Газа, Јехија Синвар – се крие во системот на тунели длабоко под градот Кан Јунис на југот на Газа. Друг, воениот командант Мохамед Деиф, со децении успешно им бега на израелските безбедносни служби.

Израелските сили убија повеќе од 23.000 Палестинци во Газа од 7 октомври и сериозно раниле десетици илјади други, според министерството за здравство на палестинската енклава. Меѓународниот гнев поради акциите на Израел неодамна кулминираше со обвинението за геноцид кое Јужна Африка го поднесе против Израел пред Меѓународниот суд на правдата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ