среда, 23 октомври 2024

Ново обвинение против Мерко и 10 други за бесправно градење кај хотел Дрим

Основното јавно обвинителство (ОЈО) Струга поднесе Обвинителен акт против 11 луѓе и една фирма во врска со бесправно градење на објект кај базенот на хотелот Дрим во центарот на Струга.

Објавено на

часот

Сподели

Според наводите на обвинението, фирмата и нејзиниот управител во мај 2019 година поднеле барање за целосна реконструкција на постојниот базен на хотелот Дрим врз основа на основен проект изготвен во 2016 година.

Градоначалникот на Општина Струга, Рамиз Мерко кој е третообвинет во овој случај, постапувајќи по барањето, наместо да го одбие или да дозволи реконструкција во постојниот габарит на објектот, во јули 2019 донел одобрение за градба со кое на инвеститорот му овозможил да изгради и да се стекне со имотна корист – недвижност, односно дополнителен кат на објектот со отворена галерија и тераса, со вкупна бруто површина од 513 метри квадратни и проценета вредност од 781.527 евра. Со ова тој ги пречекорил границите на своите службени овластувања, постапил надвор од барањето за реконструкција и спротивно на постапките пропишани во Законот за градба, а со цел за друг да прибави имотна корист.

Четвртиот и петтиот обвинет се исто така службени лица – референт и раководител од Секторот за урбанизам и просторно планирање на Општина Струга, кои го изготвиле и одобриле одобрението за градба со што, според обвинителството, несовесно постапиле во вршењето на своите овластувања и должности.

„Врз основа на вака незаконски издадено одобрение, инвеститорот – обвинетото правно лице и управителот започнале градба на објектот и наместо одобрениот кат – отворена галерија со тераса извеле целосно затворен кат со хотелски апартмани и спа-центар и уште една надградба – кат со затворен ресторански дел и помошни простории, како и дополнително изградена спојница – депанданс со стариот дел на хотелот. Вкупната површина на вака бесправно изградениот објект спротивен на одобрението за градење изнесува 1.630 метри квадратни“, велат од Обвинителството.

Според ОЈО Струга, останатите седум обвинети во предметот се вештаци од областа на градежништвото, архитектурата и урбанизмот кои давале лажни наоди и мислења во кривичната постапка за бесправно градење.

„Имено, Основното јавно обвинителство Струга, водејќи ја истрагата за овој предмет наредило три вештачења – во 2021, 2022 и 2023 година од различни стручни лица од наведените области кои во наодите тврделе дека бесправно изградениот објект според своите габарити, внатрешна површина и висина одговара на техничката документација од основниот проект. Тие не навеле дополнителни забелешки за реалната состојба на лице место, а сите отстапувања ги констатирале како законски уредени измени при градење“, велат од Обвинителството.

Првообвинетата фирма и управителот се обвинети за кривично дело бесправно градење, градоначалникот Рамиз Мерко за злоупотреба на службена положба и овластување, двајцата други службеници во општината како соизвршители на кривично дело несовесно работење во службата, а вештаците се обвинети за кривично дело давање лажен исказ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ