Портпаролот за политички прашања на новата сириска влада, Обаида Арнаут, изјави за АФП дека ќе биде формиран комитет за правда и човекови права што ќе го проучува Уставот и ќе направи промени.
Сегашниот устав на Сирија датира од 2012 година и не кажува експлицитно дека исламот е државна религија.
Бунтовниците предводени од радикалните исламисти, кои ја презедоа власта во Сирија во неделата, го назначија Мохамад ал Башир за шеф на преодната влада, кој ќе биде на функција до 1 март 2025 година. Досега Башир ја предводеше „владата на спасот“ во упориштето на бунтовниците Идлиб, во северозападна Сирија.
Портпаролот Арнаут изјави дека во вторникот се одржала средба меѓу членовите на „владата на спасот“ и поранешните министри на владата на Асад, во врска со трансферот на власта.
„Наш приоритет е да ги спасиме институциите и да ги заштитиме“, рече Арнаут.
По 11-дневната блиц-офанзива, коалицијата на бунтовнички групи, предводена од радикалните исламисти од групата Хајат Тахрир ал-Шам, во неделата го собори Асад, кој побегна во Русија со своето семејство.
Арнаут рече дека новите власти сакаат да воспостават „правна држава“ по повеќе од половина век владеење на семејството Асад, обележано со репресија.
Тој додаде дека „на сите оние што извршиле злосторства против сирискиот народ ќе им се суди во согласност со законите“.
Запрашан за верските и личните слободи, тој рече дека новите власти „ја почитуваат верската и културната разноликост во Сирија, која ќе остане таква каква што е“.
Во земјата, каде што мнозинството се сунитски муслимани, Асад, припадник на алавитското малцинство, се претстави како заштитник на малцинствата, кои стравуваа дека ќе бидат напаѓани од новите власти, наведува Франс прес.