„Цврсто остануваме на определбата дека не отстапуваме од европската агенда која е единствена опција за нашата држава за просперитет и демократски напредок. Истовремено заклучивме дека во наредниот период ќе сториме сѐѐ што е во наша надлежност да создадеме услови за фер и демократски избори без ниту една дамка“, напиша Митрески на својот фејсбук на профил.
Митрески, денеска имал средба и со амбасадорот на Делегацијата на Европската Унија во Македонија, Дејвид Гир, соопшти собраниската прес-служба.
На средбата била констатирана одличната соработка која во континуитет се одржува од страна на Европската Унија, а која ќе продолжи и во периодот што следи пред одржувањето на престојните парламентарни избори.
Амбасадорот Гир изразил безрезервна поддршка за новоизбраниот претседател на Собранието и на институцијата во целост, која, како што нагласил, ќе продолжи и во следните месеци, со цел заокружување на незавршените активности и законодавни постапки поврзани со реформските обврски, кои произлегуваат од евроинтегративниот пат.
Во тој контекст, амбасадорот укажал на важноста да бидат заокружени во текот на овој мандат одредени почнати постапки поврзани со одржувањето на парламентарните избори, со цел да не се доведе во прашање од која било страна легитимноста на изборниот процес.
Митрески, заблагодарувајќи се за средбата, потенцирал дека назначувањето на оваа функција за него претставува чест и одговорност да се води законодавната власт до конститутивната седница на следниот парламентарен состав. Митрески рече дека ќе направи сė што е во негова надлежност за заокружување на прашањата кои засега сѐ уште немаат завршница во Собранието, а се од особено значење за функционирањето на институциите и за европското досие како земја.
Соговорниците се согласиле дека оваа соработка ќе продолжи, особено во однос на активностите од Планот за раст на Западен Балкан на Европската комисија и други прашања од приоритет и интерес за двете страни, се вели во соопштението од собраниската прес-служба.