„Иран мора да ја почитува волјата на сирискиот народ и суверенитетот и безбедноста на земјата. Ги предупредуваме да не шират хаос во Сирија и ги сметаме за одговорни за последиците од последните изјави“, рече Шибани во објава на Икс, пренесува Ројтерс. Тој не прецизираше на кои изјави мисли.
Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, во телевизиски говор во неделата, ја повика сириската младина „цврсто да се спротивстават на оние кои ја оркестрираа и ја предизвикаа оваа несигурност“.
„Предвидуваме дека во Сирија ќе се појави силна и чесна група бидејќи денес сириската младина нема што да изгуби. Нивните училишта, универзитети, домови и улици се небезбедни“, рече Хамнеи. „Затоа, тие мора цврсто и решително да се спротивстават на планерите и извршителите на несигурноста и да ги совладаат“, додаде тој.
Сириските бунтовници го соборија претседателот Башар ал Асад на 8 декември, по 13-годишна граѓанска војна.
Иран потроши милијарди долари за поддршка на Асад за време на војната и ја распореди својата Револуционерна гарда во Сирија за да го задржи својот сојузник на власт.
Соборувањето на Асад нашироко се смета за голем удар за политичката и воена алијанса „Оската на отпорот“ предводена од Иран, која се спротивставува на израелското и американското влијание на Блискиот Исток.