Подготвувањето на новиот устав може да потрае до три години, рече Шара во интервју за саудиската државна радиотелевизија. Тој, исто така, рече дека ќе биде потребна околу една година за Сиријците да видат драстични промени.
Шара ја предводи групата Хајат Тахрир ал Шам (ХТС) која го собори Асад на 8 декември, ставајќи крај на децениското владеење на неговото семејство и 13-годишната граѓанска војна. Тој рече дека ХТС ќе биде распуштена на конференцијата за национален дијалог.
Во врска со надворешните врски, Шара рече дека Сирија споделува стратешки интереси со Русија. Русија има воени бази во Сирија, беше близок сојузник на Асад за време на долгата граѓанска војна и му даде азил на Асад.
Шара претходно овој месец рече дека односите на Сирија со Русија треба да служат на заедничките интереси.
Тој додаде дека се надева оти администрацијата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп ќе ги укине санкциите наметнати за Сирија.
Високи американски дипломати кои го посетија Дамаск овој месец рекоа дека Шара постапува прагматично и дека Вашингтон одлучил да ја отстрани наградата од 10 милиони долари за главата на лидерот на ХТС.