вторник, 21 мај 2024

Новиот премиер најави дека Македонија ќе најде повеќе од партнер во Србија

Мандатарот на новата српска влада Милош Вучевиќ во експозето на собраниската седница на која ќе се избере владата и новите министри, најави дека таа ќе биде континутет на политиката на досегашните влади и на претседателот Александара Вучиќ. За Македонија кажа дека е држава која во Србија секогаш може да најде партнер и повеќе од тоа, јави дописникот на МИА од Белград.

 

Објавено на

часот

Сподели

„Владата ќе продолжи да води надворешна политика заснована на политичка независност и воена неутралност, а полноправното членство во ЕУ останува наша стратешка цел“, рече Вучевиќ, додавајќи дека идната влада „ќе направи сѐ за да го спречи приемот на лажната држава на Косово“ за членство во ЕУ во Советот на Европа (СЕ), иако призна дека „шансите за тоа не се големи“ и додаде дека „Владата на Србија ќе биде принудена да одговори соодветно“ доколку Косово биде прифатено како членка на СЕ.

Во поглед на Русија, Вучевиќ потенцираше дека Србија нема да воведе санкции кон Русија и дека „нема да се откаже од пријателството со неа“ и го истакна стратешкото партнерство на Србија со Кина, кое во текот на оваа година ќе биде крунисано со ратификација и стапување во сила на Договорот за слободна трговија.

Кога станува збор за регионот, Вучевиќ во експозето истакна дека придонесот на Србија за зачувување на мирот и стабилноста ќе биде активен и континуиран.

„Северна Македонија е држава која во Србија секогаш може да најде партнер и повеќе од тоа. Србите и Македонците повеќе немаат ниту една тема што ги оддалечува. Не постои ниту едно прашање околу кое може да се раздвоиме или околу кое би можело да се направи раздор. Проектот Отворен Балкан дополнително нѐ зближи, а разрешувањето на црковниот спор, ја тргна и последната пречка на патот на изградбата на меѓусебната доверба и зедничката работа каква не е видена од распадот на поранешна Југославија“, истакна Вучевиќ, говорејќи одделно за односите на Србија со соседните земји.

Вучевиќ при презентацијата на експозето изјави дека Министерството за одбрана и војската на Србија подготвиле неколку модели на воена служба, во траење до четири месеци.

На седницата на Собранието на Србија мнозинството пратеници на СНС-СПС и коалициските партнери од помалите партии по експозето на Вучевиќ ќе гласаат за избор на новата коалициска влада на СНС-СПС која ќе има 25 министерства и 31 член.

Синиша Мали ќе биде вицепремиер и министер за финансии, Ивица Дачиќ – министер за внатрешни работи и вицепремиер, Александар Вулин – вицепремиер, Ирена Вујовиќ – вицепремиер и министер за заштита на животната средина, Братислав Гашиќ – министер за одбрана, Марко Ѓуриќ – министер за надворешни работи, Тања Мишчевиќ – министер за евроинтеграции, Горан Весиќ, министер за градежништво, транспорт и инфраструктура, Дубравка Ѓедовиќ – министерка за рударство и енергетика, Златибор Лончар – министер за здравство, Томислав Момировиќ – министер за внатрешна и надворешна трговија, Маја Поповиќ – министер за правда, Славица Ѓукиќ Дејановиќ – министер за образование, Немања Старовиќ – министер за вработување, труд, ветерани и социјални прашања, Милица Ѓурѓевиќ Стаменковски, министер за семејна грижа и демографија, Никола Селаковиќ, министер за култура, Андријана Месаровиќ, министер за економија, Јелена Жариќ Ковачевиќ, министер за администрација и локална самоуправа, Jелена Беговиќ – наука и иновации и Хусеин Мемиќ – министер за туризам. Милан Кркобабиќ – министер за грижа на селото, Дејан Ристиќ – министер за информации и телекомуникации, Дарко Глишиќ – министер за јавни инвестиции, Новица Тончев, Усаме Зукурлиќ, Ненад Поповиќ и Татјана Мацура се министри без ресор.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ