Кавелашвили, поранешен фудбалер познат по своите ултра-конзервативни и антизападни ставови, беше инаугуриран за претседател на Грузија на кратка церемонија во Парламентот.
Неколку минути претходно, Зурабишвили им објави на своите поддржувачи собрани пред претседателската палата дека ќе ја напушти палатата, но сепак се смета себеси за „единствен легитимен претседател на земјата“, ветувајќи дека ќе ја продолжи борбата против владејачката партија Грузиски сон.
Неколку илјади проевропски демонстранти утрово се собраа пред претседателската палата на повик на претседателката во заминување. Демонстранти беа присутни и синоќа во Тбилиси на протест против владата пред инаугурацијата на новиот претседател на таа кавкаска земја, чие назначување го оспорува опозицијата.
Грузија е погодена од политичка криза од парламентарните избори во октомври, на кои победи партијата Грузиски сон, но прозападната опозиција ги оспори резултатите поради изборни нерегуларности.
Демонстрантите бараат нови избори и ослободување на лицата приведени за време на протестите.