петок, 13 декември 2024

Новиот амбасадор на Бугарија во Македонија е од историската комисија

Жељаско Радуков, дипломат од кариера и организациски секретар на мешовитата комисија за историски и образовни прашања, ќе биде новиот бугарски амбасадор во Македонија.

 

Објавено на

часот

Сподели

Тој е познат дека активно работи на заштита на правата и културно-историското наследство на бугарската заедница во Македонија.

На актуелниот амбасадор во Скопје, Ангел Ангелов, мандатот му завршува во јуни 2024 година.

Радуков е предложен од вицепремиерката и министерка за надворешни работи Марија Габриел. Тој е дипломат од кариера со искуство во повеќе области на односите меѓу Бугарија и земјите од Западен Балкан. Професионалната кариера ја почнува во директоратот на бугарското МНР за Југоисточна Европа каде што во различни периоди бил одговорен за Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора, и работел на серија прашања од билатералните односи со овие земји, вклучително и нивната европска димензија.

Во Скопје, Радуков бил трет секретар во бугарската амбасада во периодот од 2010 до 2013 година, по што бил прв секретар во амбасадата на Бугарија во Белград. Од 2021 година Радуков е одговорен во бугарското МНР за Македонија и тоа и за билатералните односи, но и за европскиот контекст.

Радуков, како што стои во образложението на предлогот, имал клучна улога и во креирањето и спроведувањето на европскиот компромис од 2022 година, вклучувајќи ги билатералните преговори за Протоколот од вториот состанок на Меѓувладината комисија, потпишан во јуни 2022 година. Радуков е и организациски секретар на Мешовитата историска комисија, а активно работи на заштита на правата и културно-историското наследство на бугарската заедница.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ