сабота, 27 јули 2024

Новинарот Николовски повикан на црковно судење, ЗНМ бара од МПЦ конструктивен дијалог

Замолчувањето на критичкото известување за религиозни прашања во полза на јавниот интерес не само што ги поткопува основните принципи на независноста на медиумите, туку ги загрозува и демократските вредности кои овозможуваат разновидното и плуралистичкото општество да напредува, се вели во реакцијата на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), во врска со црковно-судската покана што ја доби новинарот на ТВ Сител, Марјан Николовски, воедно и главен и одговорен уредник и основач на порталот религија.мк.

Фото: П.Џ.

Објавено на

часот

Сподели

„Остро ги осудуваме сите обиди на црковните власти внимателно да го испитаат и замолчат критичкото новинарство и слободата на изразување. Ваквите активности не само што ги поткопуваат основните принципи на независноста на медиумите, туку ги загрозуваат и демократските вредности кои овозможуваат разновидното и плуралистичкото општество да напредува. Транспарентноста, разбирањето и меѓусебното почитување се темелите врз кои треба да се гради здрав однос меѓу медиумите и верските заедници.

Од ЗНМ велат дека во согласност со нивната посветеност за поттикнување отворен дијалог и зајакнување на довербата меѓу новинарите и верските заедници, потсетуваат и на нивното официјално барање поднесено на 10 јануари за средба со Поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ ОА).

„Оваа иницијатива има за цел да ја подобри комуникацијата со новинарите и снимателите и искрено се надеваме на позитивен одговор кој ќе биде од корист за сите засегнати страни, особено за граѓаните кои имаат неоспорно право да бидат информирани, согласно забраната за цензура како што е наведено во македонскиот Устав. ЗНМ смета дека сите евентуални поплаки во врска со медиумското известување треба да се решаваат преку воспоставени саморегулаторни тела како што е Советот на честа при ЗНМ или Советот за етика во медиумите во Македонија. Овие механизми нудат конструктивен начин за решавање на споровите притоа почитувајќи ги принципите на новинарските интегритет и слобода. Изразуваме поддршка на новинарот Марјан Николовски и сите новинари кои се соочуваат со непотребен притисок во нивната потрага по вистинито и професионално новинарство. Ја повикуваме МПЦ ОА и нејзиното раководство да се вклучат во отворен и конструктивен дијалог со медиумската заедница, признавајќи дека таквиот ангажман е суштински за подобрување на општеството во целина“, велат од МПЦ.

Николовски во напис на порталот religija.mk објави дека примил покана од Синодот на Македонската православна црква за црковно – судска постапка затоа што, според МПЦ-ОА, неговите објави предизвикувале „основа за изразување омраза, во форма на говор на омраза, предизвикување омраза кај верниците и доведување на оштетените членови на Синодот во општа опасност и загрозување на нивната безбедност, а особено преку електронски извор – средство за јавно информирање“.

„Синодот ми наложува да се појавам на доказно рочиште закажано на 29 јануари 2024 година во 11 часот во канцеларијата на Архиепископијата во Скопје, каде треба да ги предадам сите исправи и предмети, кои како доказ ги имам за моите пишувања, а нив да ги разгледа црковен обвинител, и јас да ги откријам сите мои извори на информации, бидејќи се бара да ги произнесам сите факти врз коишто сум ги засновал моите наоди“, пишува меѓу другото Николвски во својот напис.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ