сабота, 27 јули 2024

Нови судири во главниот град на Судан: нема храна, луѓето бегаат (ВИДЕО)

Објавено на

часот

Сподели

Двете страни претходно кажаа дека ќе го почитуваат 24-часовниот прекин на огнот кој требаше да стапи на сила вчера вечерта, но набрзо беше прекршен со нови борби. РСФ соопшти дека прекинот на огнот е прекинат, додавајќи дека е нападнат во Омдурман и дека ѝ нанел загуби на војската вклучувајќи соборување на два хеликоптери. Ројтерс не можел независно да ги потврди тврдењата.

Некои од најинтензивните борби се водат околу комплексот во кој се наоѓаат воениот штаб и резиденцијата на суданскиот воен лидер, генералот Абдел Фатах ал Бурхан. Војската го надгледува пристапот до Картум и се обидува да ги прекине линиите на снабдување на борците на РСФ, кажале жители и сведоци.

Странските сили, кои се обидуваат да ги евакуираат граѓаните откако меѓународниот аеродром и неколку квартови во кои има амбасади се најдоа во центарот на насилствата, се обидуваат да договорат прекин на огнот, но без успех. Луѓето бегаат од градот и повеќето успеваат во тоа, но некои се сопрени на контролните пунктови.

„Нема храна, продавниците се празни, ситуацијата не е безбедна па луѓето заминуваат“, кажа жителот на градот кој се претставил како Абделмалек. Борби се водат од саботата рано наутро и прекинато е снабдувањето со струја и вода во многу области на крајот на светиот месец рамазан, кога муслиманите постат од зора до самрак.

Борбите за власт меѓу генералот Бурхан и лидерот на РСФ генералот Мохамед Хамдан Дагал, поснат како Хемети, се предизвикани од меѓународно поддржаниот план за формирање нова цивилна влада и интеграција на РСФ во регуларната војска.

Судирите ја разбија надежта за напредок на земјата кон демократија, пишува Ројтерс, и се закануваат да ги вовлечат соседите во регионална борба за влијание. Судан е стратегиски сместен меѓу Египет, Саудиска Арабија, Етиопија и немирниот Сахел.

Генералот Бурхан го предводи владејачкиот совет од воениот удар во 2021 и уривањето од власт на автократот Омар ал Башир во 2019, а Хемети, кој според аналитичарите има околу 100.000 борци, беше негов заменик. Досега загинале најмалку 270 луѓе, а 2.600 се ранети, според проценките на суданското министерство за здравство.

Двете воени фракции се борат и во други делови на Судан, вклучувајќи го западниот регион Дарфур, поприштето на големиот конфликт кој ескалираше по 2003 година и поради кој се раселени над два милиони луѓе.

Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш ќе разговара за ситуацијата во Судан со лидерите на Африканската унија, Арапската лига и други регионални организации, им кажа неговиот портпарол на новинарите.

И пред конфликтот околу четврт од жителите на Судан се соочуваа со акутен глад. Светската програма за храна ја прекина во саботата една од своите најголеми глобални хуманитарни операции во Судан, откако загинаа тројца нејзини вработени.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ