сабота, 27 јули 2024

Нови реакции во Грција по изјавата на Мицкоски

Денешната изјава на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски предизвика реакции во грчките медиуми, кои коментираат дека станува збор за „нова провокација од Северна Македонија“, дека идниот премиер „ја следи линијата на претседателката Сиљановска“, а веста вечерва е една од главните теми во онлајн изданијата на медиумите, јави дописничката на МИА од Атина.

Објавено на

часот

Сподели

„Северна Македонија: Провокативен претседателот на ВМРО – Ќе ја нарекувам мојата земја како што сакам, ако не ви се допаѓа да одите во Хаг“; „По Сиљановска, провоцира и Мицкоски: Ќе ја нарекувам мојата земја Македонија, ако сакате, одиме во Хаг“; „Христијан Мицкоски: Мое право е да ја нарекувам мојата држава Македонија – провокативни изјави на лидерот на ВМРО“; „Северна Македонија: Ќе ја нарекувам мојата земја како што сакам, вели претседателот на ВМРО“; „Северна Македонија: нова провокација од премиерот: Ќе ја нарекувам мојата земја, како сакам“…. се дел од насловите во грчките медиуми, кои главно го пренесуваат текстот од грчката новинска агенција АНА-МПА.

Во текстот под наслов „Северна Македонија: И лидерот на ВМРО инсистира на терминот „Македонија“; АНА-МПА ја пренесува изјавата на Мицкоски и ставот дека „ако Грција смета дека го прекршуваме Договорот од Преспа нека се обрати до Меѓународниот суд“.

„Исто така рече дека во комуникацијата во институциите и меѓу институциите на неговата земја ќе се користи уставното име, но во изјавите пред новинарите или во говорите негово индивидуално право е да ги користи термините ‘Македонија и македонско’ и поттикнува истото да го стори и претседателката на државата“, пишува грчката новинска агенција, која паралелно го цитира Мицкоски во делот во кој вели дека и тие исто како и Нова демократија не го сакаат Договорот.

„По провокативниот став на претседателката на Северна Македонија и претседателот на радикално десничарската ВМРО, Христијан Мицкоски, кој како што се чини ќе биде нов премиер на државата, ја задржа истата линија, прекршувајќи го Договорот од Преспа“, коментира информативниот портал „Ин“.

Во продолжение, повикувајќи се на изјавата на Мицкоски објавена на МИА, пишува дека го пренесува ставот на лидерот на ВМРО дека „ако Грција смета дека го прекршуваме Договорот од Преспа, постои Меѓународниот суд“.

Онлајн изданието на весникот „То Вима“ коментира дека „Мицкоски не гледа никакво прекршување на Договорот од Преспа“ и исто така детално ги пренесува изјавите на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и иден премиер.

Паралелно, медиумите во Грција го цитираат и ставот на Мицкоски дека очекува да се види со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.

Денеска реагираше и партијата СИРИЗА која категорично го осуди „новото провокативно прекршување на Договорот од Преспа од претседателот на ВМРО, господинот Христијан Мицкоски и го повикуваме конечно да се усогласи со меѓународното право“.

Во соопштението за денешната изјава на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, од СИРИЗА велат дека „сакаат да го потсетат на принципот на меѓународното право „pacta sunt servanda“ (договорите се обврзувачки и треба да се почитуваат), како и на предвидените санкции што произлегуваат од меѓународното право при континуираното прекршување на Договорот од Преспа“.

Потсетуваат и дека Договорот е предуслов за членство на Македонија во Европската Унија и паралелно упатуваат апел, но и критики до актуелната грчка Влада.

„Ја повикуваме Владата на Мицотакис да ги преземе потребните активности како што е предвидено со Договорот од Преспа и веднаш да го интернационализира прашањето со што новото раководство на Северна Македонија ќе се соочи со своите одговорности пред меѓународната заедница во случај да продолжи да го прекршува Договорот“, пишува во соопштението од СИРИЗА.

Велат дека и Владата на Нова Демократија сноси одговорности поради „нејзината неодговорна надворешна политика“, бидејќи, како што посочуваат не направила ништо во одредени области како што се ратификација на меморандумите и свикување на Високиот совет за соработка, но и „не изврши притисок за да гарантира дека Северна Македонија ќе ги спроведе своите обврски за учебниците, трговските марки, пасошите и регистарските таблици“.

„Единствено што направи во изминатите години беше да избегне каква било активна вмешаност со Договорот за да ја одржи внатрепартиската рамнотежа. Навистина е жално што Договорот што го постигнаа прогресивните сили во Грција и Северна Македонија, кој е споменик на соработка и разбирање за цела Југоисточна Европа, се доведува во сомнеж од двете сестрински партии во ЕПП, со цел да ги привлечат националистичките публики, тактика која со текот на времето ја хранеше омразата меѓу балканските народи“, соопшти СИРИЗА.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ