Тој истакна дека САД очекуваат Украина да ги поддржи овие разговори и прецизираше дека нацртот на договорите за прекин на огнот меѓу Киев и Москва се однесува на нападите на инфраструктурата во целина, а не само на енергетиката.
Според зборовите на специјалниот пратеник, страните се согласиле во врска со два клучни аспекти, а тоа се прекинот на нападите врз енергетската и другата инфраструктура, како и борбите на Црно Море.
„До неодамна немавме договор за тие прашања. Денеска го постигнавме и мислам дека од овој момент до целосниот прекин на огнот остана релативно малку време“, нагласи Виткоф во разговорот за Фокс њуз.
Според него, контактите меѓу Москва и Вашингтон за судирот во Украина носат позитивни резултати.
„Двајцата големи лидери се сретнаа за благосостојба на човештвото. Искрено, ми беше привилегија и чест да седам таму и да го слушам тој разговор”, го прокоментира Виткоф телефонскиот разговор на Путин со Трамп на 18 март.
Специјалниот пратеник на американскиот лидер наведе дека делегацијата на САД на претстојниот состанок ќе ја предводат државниот секретар Марко Рубио и советникот за национална безбедност Мајк Волц.
Како што претходно соопшти Кремљ, претседателите на Русија и на Соединетите Американски Држави, Владимир Путин и Доналд Трамп, одржаа синоќа детален и отворен разговор за Украина.
Рускиот лидер позитивно изреагирал на иницијативата двете страни во судирот да ги прекинат ударите на енергетската инфраструктура 30 дена.