сабота, 19 октомври 2024

Нови детали за војникот кој објави американски тајни: Фантазирал за убиство на „тон луѓе“

Објавено на

часот

Сподели

Во поднесокот од 48 страници, Министерството за правда наведе дека 21-годишниот Џек Тешеира треба да биде задржан во притвор до судењето, истакнувајќи дека неговата насилна реторика и очигледните напори да ги уништи доказите „го зголемуваат ризикот од бегство и опасност“.

Обвинителите попладнево пред судот ќе изнесат аргументи во корист на притвор. Адвокатите на Тешеира не го коментираа случајот и се очекува на сослушувањето во четврток да утврдат дека тој не треба да биде притворен пред судењето.

Во поднесокот, кој вклучува и фотографии од спалната соба на осомничениот од претресот на ФБИ во неговиот дом, се вели дека во јули 2022 година, тој го користел својот владин компјутер за да бара информации за познати масовни престрелки користејќи термини за пребарување како „Увалде“, „Руби Риџ“ и „пукање во Лас Вегас“.

При претресот во неговиот дом, ФБИ пронашол скршен таблет, лаптоп и конзола во контејнер. Покрај тоа, обвинителите рекоа дека откриле докази дека Тешеира им наредил на другите корисници на чет групата „да ги избришат сите пораки“.

Тешеира претходно овој месец беше обвинет по една точка за прекршување на законот за шпионажа поврзана со незаконско копирање и пренесување на чувствителен одбранбен материјал, а другото обвинување се однесува на незаконско отстранување одбранбен материјал на неовластена локација.

Доколку биде прогласен за виновен, обвинителите рекоа дека може да се соочи со затворска казна до 25 години.

Се верува дека овој случај е најсериозното нарушување на безбедноста на САД откако повеќе од 700.000 документи, видеа и дипломатски депеши се појавија на веб-страницата на Викиликс во 2010 година. Пентагон го нарече истекувањето „намерно, криминално дело“.

Обвинителите, исто така, рекоа дека во февруари 2022 година, Тешеира почнал да пристапува до стотици доверливи документи кои не се поврзани со неговата работа и дека околу декември 2022 година почнал да објавува некои од доверливите информации на социјалните мрежи.

„Штетата што обвинетиот веќе ѝ ја нанесе на националната безбедност на САД е огромна. Штетата што обвинетиот сè уште може да ја предизвика е извонредна“, се вели во меморандумот.

Доверливите документи содржат широк спектар на високо доверливи информации за сојузниците и противниците, како што се детали за воздушната одбрана на Украина и израелската шпионска агенција Мосад.

Покрај доказите дека Тешеира се обидел да ги опструира доказите и да влијае на сведоците, обвинителите рекоа дека тој има проблематична историја која датира од неговите тинејџерски години.

Кога имал 18 години, неговото барање за дозвола за огнено оружје било одбиено поради забелешките што ги дал додека бил во средно училиште, а кои се однесувале за „оружје, вклучително и молотови коктели, пиштоли на училиште и расни закани“.

Тој, исто така, давал насилни коментари за убиство на социјалните мрежи, вклучително и една објава во ноември 2022 година во која кажал дека ако може, ќе „убие тон луѓе“, бидејќи тоа ќе биде „убиство на слабоумните“. Според поднесокот, во февруари 2023 година, Тешеира побарал совет за тоа каков тип пушка ќе биде лесна за ракување од задниот дел на паркирано возило против „мети на тротоар или трем“.

Обвинителите рекоа дека нашле и докази дека Тешеира им признал на другите на интернет дека информациите што ги објавува биле доверливи.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ