Минатата недела, заклучно со 8 февруари, Институтот за јавно здравје имаше регистрирано вкупно 22 случаи на заболени од голема кашлица.
Во Скопје од 8 февруари е прогласена епидемија на пертусис, а со воведените мерки се забранува невакцинирани деца да бидат примани во градинка, се проверува вакциналниот статус на децата до 14 години од страна на матичните лекари и на родителите им се вели да ги однесат во вакциналните пунктови за да примат вакцина. Секој нов сомнителен случај треба да се тестира и за позитивниот наод да се известат здравствените власти.
Лекарите предупредуваат дека бројот на заразени е далеку поголем имајќи предвид дека сите заразени не одат на лекар или не се тестираат, а дека заразата во регионот е уште попроширена што го зголемува ризикот од забрзување на епидемијата во Скопје, но и од ширење на болеста низ земјава.